Што ни донесоа измените на КЗ: „Треба одговорност кај судиите за застарените предмети, но не е вината само кај нив“

од Nikola Popovski
327 прегледи

Дали намалувањето на затворските казни и проширената конфискација се гаранција дека ќе нема застарување на кривичниот прогон? Дали последните измени на Кривичниот законик ќе доведат до раст на корупцијата и ќе влијаат врз издржувањето на затворските казни? – се само дел од прашањата кои се поставуваат во јавноста во последните неколку месеци. Темата за застарување на судските предмети, со кои им се овозможува на сторителите на кривични дела да не одговораат и да не сносат последици, најмногу се разгоре деновиве откако беше обелоденето дека екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, успеа да куртули од „Таргет-тврдина“.

Драган Малиновски

Според адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, вели дека има неколку причини дали постапката ќе се заврши за пократко, подолго или ќе дојде до застарување. Според него, измените на КЗ е еден фактор кој ни се појави од никаде и покрај тоа што предвидува пониски казни за кривичните дела, по автоматизам предвидува и пократки рокови за застареност.

-Факт е дека конкретно тие измени на членот 353 и на злосторничко здружување на намалување на казните се во обратка насока од заложбите за борбата против корупција, особено во Македонија каде сме свесни дека се соочуваме со феноменот на неказнивост на овој вид на кривични дела, истакнува Малиновски за „Локално“.

Генерално, додава тој, во поглед на долгото траење на постапките, можеме да идентификуваме многу фактори.

-Како најпрвин, одредбите од законот за кривична постапка, за кои треба да се види кои се тесните грла во текот на постапката, односно што доведува до пролонгирање. Се работи на измените на КЗ и очекувам дека ќе се адресираат тие тесни грла. Не треба да се заборави факторот – капацитетот на Јавното обвинителство и судството. Факт е дека ЈО не се во завидна состојба, да не говорам за истражните центри, потенцира Малиновски, истакнувајќи дека се се тоа предуслови кои мора да се задоволат за да се оформи квалитетно да заврши истрагата и да се оформи квалитетно обвинение кое полесно би имало поголема проодност во судската постапка.

Смета дека и во рамките на судовите има доста проблеми, околу кадарот, недостаток на судии, стручни соработници, технички персонал…

-Се се тоа фактори кои влијаат и не може да се каже дека само една е причината за долгото траење на постапките и застарување на предметите, дециден е адвокатот.

На прашањето дали можеби треба да се размислува за одговорност кај судиите за одолговлекување на постапката, Малиновски посочува дека одговорноста е едeн од сегментите. Укажува дека треба сеопфатно на сите фактори да се одговори, односно дека и работата на судиите не треба да се игнорира и таа треба да биде следена од повисоките судови и Судскиот совет.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска смета дека сѐ уште има доволно време, и по толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура. Малиновски смета дека секој предмет си има своја динамика и можности за завршување.

-Генерално дали ќе застарат треба да се види предметот и да се прави проекција. Би било добро да се обели образот на предметите од СЈО, Има уште предмети кои можат да еефектуираат. Мене ми е неприфатливо тоа што предметот за прислушувањето застаре, а тоа беше и мотивот за формирањето на СЈО и клучниот фактор кој што доведе до тектонски промени во општеството, ни рече адвокатот.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Локално“ велат дека се согласуваат оти повеќе фактори придонесоа за застарувањето на предметите, меѓу кои и непостапување од страна на Јавното обвинителство поради што мораше да се формира СЈОа со тоа и истрагите за кривичните дела да почнат релативно доцна.

-На тоа се надоврза долгото траење на судските постапки и отсуството на судски одлуки, но секако најмногу придонесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, со што практично рокот за застарување на кривичните дела се намали од 40 на 10 години. Имајќи го ова предвид, одговорноста не може да се лоцира единствено кај судиите, иако истите навистина имаа прилика да покажат ефикасност и ефективност на судскиот систем, но за жал не успеаја да ја искористат, ни соопштија од Коалицијата.

Порачуваат дека најголемиот дел од лицата обвинети во предметите на СЈО се обвинети токму за злоупотреба на службената положба и овластување, а воедно и најголемиот број на кривичните дела опфатени со обвиненијата се сторени во периодот од 2010 до 2015 година, па оттука најголемиот број случаи на СЈО навистина ќе завршат, но со одбивателни пресуди поради застарување на кривичното гонење.

-Кога постапката завршува со ослободителна или пак со одбивателна пресуда, Европскиот суд за човекови права не навлегува во утврдување на повреда на правичноста на постапката, односно лицата кои ќе добијат ваква пресуда не можат да се жалат пред меѓународен суд за правичноста на постапката, па оттука, изјавата дека случаите ќе завршат наскоро во правична постапка е технички точна, посочуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Повеќе делови од предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, иако во истиот се предлагаат и измени на членови кои се однесуваат на загрозување на животната средина. Се предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.

Членот 353-в од Кривичниот законик ја покрива темата за несовесно работење во службата. Со новиот закон се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета.

Н.П.

Слични содржини