Смаиловиќ за негласењето на резолуцијата за Газа: Историска и морална одговорност кон протераните Македонци од Егејска Македонија е секогаш да застанеме на страна на народот кој го преживува истото

Наместо да бидеме заштитници на меѓународниот поредок, бараме почит од другите кога сме ние во прашање, а го поддржуваме кршењето на истиот кога се други народи во прашање - вели активистката Смаиловиќ за „Локално“ по неуспешната Резолуција за хуманитарна помош

од Nikola Popovski
305 прегледи

Според правилата на дипломатијата, Македонија во надворешната политика треба да ја следи ЕУ или повеќето земји членки на ЕУ, освен кога граѓаните одлучуваат поинаку. Ако го следите ставот на граѓаните по социјалните медиуми, ќе сфатите дека сите се обединети во ставот дека геноцидот во Газа мора да престане, а Собранието и Владата кои се одбрани од граѓаните, треба да го следат ставот на граѓаните, вели во разговор за „Локално“, граѓанската активистка во борба за човековите права и претседателка на хуманитарната организација ЛЕГИС, Мерсиха Смаиловиќ откако во Владата не помина Предлог-резолуцијата да се деблокира испраќањето на хуманитарна помош за појасот Газа.

Според Смаиловиќ, во изминатите година дена можеме да видиме дека македонската дипломатија зазема целосно спротивставен став против Палестина и палестинскиот народ, па така Македонија беше една од ретките земји во Советот за човекови права на ОН во Женева која гласаше против двете резолуции презентирани од државата Палестина, со кои се потврдува, како што вели, незаконитоста на израелските колонијални практики на окупираната палестинска територија и се поддржува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување. Со тоа, истакнува соговорничката, Македонија зазеде целосно спротивен став од мнозинството европски земји.

-Додека следиме на социјалните мрежи како одредени лидери од коалицијата ВЛЕН често пишуваат за страдањата на народот во Палестина, а пред се повикуваат на спречување на геноцидот во Газа, ни укажува дека одлуките за креирање на надворешна политика како да не се носат со заеднички став туку единствено министерот Муцунски и администрацијата во МНР одлучуваат во туѓ интерес, објаснува Смаиловиќ во разговорот.

Запрашана колку Македонија е „зависна“ од Израел за да се плаши да зборува за случувањата во Газа или ова повторно е слепо водење по тоа што им го „наредува“ САД, граѓанската активистка нагласува дека Израел е многу вмешан во внатрешната безбедност на Македонија, што додатно го ослабнува суверенитетот на нашата земја.

-Додатно на тоа, ние опстојуваме од помошта кои САД и ЕУ ни ја даваат, од нивните кредити, што е главен аргумент на САД за контролирање на политиките во Македонија. Посебно што често во говорот на политичарите се зборува за „стретешкото партнерство со САД“. На основ на тоа за многу меѓунардони конфликти и војни сме го следеле ставот на САД, па така и сега во време на геноцидот и незаконската окупација на палестинската територија, при можности да гласаме и да допринесеме за мир и прекин на војната, исклучиво се следи ставот на САД и новата администрација. За да дебататирате за ова прашање денес ви треба суверинитет и независност во градењето на надворешната политика, а заради сите горенаведени фактори, ние добивме впечаток дека нашата дипломатија не располага со истите. Дури и на конференциите каде се прашани нашите владини претставници за политиките кон Палестина, тие во буквална смисла го користат истиот вординг како и преставниците на администрацијата на САД, потенцира Смаиловиќ.

Според неа, ставот на ЕУ веќе влегува во еден фокус на т.н. пропалестинска политика и на континурани апели за прекин на геноцидот и влез на хуманитарна помош, базираќи се на меѓународното право и европските вредности.

-Македонија иако потписничка на истите и е дел од таа меѓународна политика, одбива да го прифати нивното контиунирао кршење, ниту ги осудува земјите кои не се ни потписнички и континурано го кршат. Наместо да бидеме заштитници на меѓународниот поредок, ние одлучуваме да бидеме контрадикторни, барајќи од другите почит кога сме ние во прашање, а го подржуваме кршењето на истиот кога се други народи и држави во прашање. Експертите за меѓунардодно право внатре во МНР и во амбасадите кои се дел од меѓународните тела, треба посериозно да пристапат кога ќе им се дадат директиви да гласаат кршејќи ги истите. Да се биде дел од меѓународна заедница која создала вредности „за никогаш повеќе“ значи одговорност и достоинство, а не полтронство и уцена, децидна е Смаиловиќ.

Франција веќе планира да ја признае Палестина, по што несомнено ќе следат и повеќе држави. Околу очекувањата дали е можна промена на политиката на македонската Влада, граѓанската активистка смета дека Македонија нема да биде меѓу првите 10, ниту 20 земји која ќе ја признае Палестинската држава.

-Иако за сите нас тоа би бил исправен чекор поради историското минато на македонскиот народ, врз кој се вршело негирање, протерување и окупација, како да сме заборавиле како е да се биде негиран и протеруван. Историска и морална одговорност кон протераните Македонци од Егејска Македонија е да секогаш застанаме на страна на народот кој го преживува истото, каде и да е тоа во светот. Геноцидот на македонскиот народ не бил никогаш судски докажан, но сведоштавата на преживеаните и историските документи од тоа време не потсетува на сите елементи на истиот, како страдањата и судбината на палестинскиот народ, ни вели Смаиловиќ, додавајќи дека негирањето на идентитетот за жал, се уште му се случува на македонскиот народ, исто како и на палестинскиот.

-Многу е битно народот денес јасно да им порача на властите дека тие не претставуваат и дека тие треба да го следат ставот на граѓаните кои ги гласале, а во овој случај, ставот на мнозината граѓани во Македоније е дека сме на страна на независната Палестинска држава, со Ерусалим за главен град и прекин на геноцидот во Газа, потенцира соговорничката.

Само 16 пратеници гласаа „за“ предлог-резолуцијата за хуманитарна помош за појасот Газа. Предлогот беше поднесен од пратениците Скендер Реџепи, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Муса Џафери, Дијана Тоска, Илире Даути и Сали Мурати. Следеше бурна реакција од пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, која потенцираше дека сите шестмина пратеници од нејзината партија ја поддржале резолуцијата.

„Додека палестински деца умираат од ГЛАД (од глад!), македонското собрание не само што не го осуди ционизмот на Израел (за разлика од многу европски држави) – туку не се уважува барем срамежливо да побара хуманитарна помош пред најголемиот геноцид на нашето време! Од народ кој во Втора светска војна издвојува победа против фашистичкото зло и се позиционира на правилната страна на историјата, денес со партии со неоколонијален и вазален менталитет МОЛЧИМЕ, додека деца умираат од глад. Се срамам од генерација која е апатична, индиферентна и колаборационистичка пред најголемото злосторство на нашето време“, објави Мојсоска на Фејсбук.

Реакција имаше и од партијата ДОМ која изрази револт и разочарување за постапките на мнозинството пратеници. Се огласи и професорката Билјана Ванковска.

Собранието го одби предлогот за хуманитарна помош за Газа, Ванковска: И глуви и слепи без трошка совест

Палестинските здравствени власти велат дека најмалку 111 лица починале од глад, вклучувајќи 80 деца, повеќето во последните недели. Дури и луѓето кои се обидуваат да добијат храна на хуманитарните пунктови ги ризикуваат своите животи. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека израелските сили убиле повеќе од 1 000 Палестинци кои се обидувале да добијат храна во Појасот Газа од мај.

Од почетокот на блокадата на 2 март 2025 година, само ограничен број на помошни камиони успеале да влезат во појасот Газа под строги ограничувања, што е драстично помалку од потребното ниво наведено од Обединетите нации.

СЗО соопштува дека во првите шест месеци на 2025 година најмалку 5.100 деца биле хоспитализирани поради акутна неухранетост, од кои околу 800 биле во сериозна состојба на емакцијација. Нивните истражувања покажуваат дека скоро 10% од проверените лица, и до 20% од бремените жени, покажуваат знаци на тешка или умерена неухранетост.

Н.П.

Слични содржини