📸„Смрдеа, влага и понижување“ – еве како изгледаат службените тоалети на скопската железничка станица

Вработените со години работат во услови што директно го загрозуваат здравјето и достоинството. Темни, валкани и нефункционални службени тоалети се реалност во срцето на главниот град. Прашањето е едноставно: дали ова е прифатливо – и до кога?

од Vladimir Zorba
77 прегледи Фото: Локално

Ако некој сака да види како изгледа институционалното понижување во пракса, нека не оди далеку. Доволно е да влезе во службените тоалети на железничката станица во Скопје.

Главен град. Европа на хартија. Дваесет и први век. А внатре, сцени што повеќе личат на напуштен објект од некоја воена зона отколку на работно место каде луѓе поминуваат по осум, девет, понекогаш и повеќе часови дневно.

Мирисот те пресретнува уште пред да ја отвориш вратата. Подовите се под вода, темно е, валкано. Ѕидовите се испрскани, дамкосани, мувлосани, наталожени со години нечистотија.

Санитариите – нефункционални, уништени, оставени да гнијат. Нема хартија, нема сапун, нема чувство дека некој некогаш помислил дека овде влегува човек.

Фото: Локално

Сликата е таква што, како што велат вработените, „ти се гади и да дишеш, а не да користиш тоалет“.

Фотографиите што ги доби „Локално“ се брутално искрени. Нема филтер, нема агол што ќе ја разубави реалноста. Ова не е моментна негрижа. Ова е системски распад. И не трае од вчера.

„Со години е вака“, ни раскажуваат вработени, со глас во кој има и бес и срам.

Некои од нив отворено признаваат дека избегнуваат да одат во тоалет за време на смена. Трпат. Се стискаат. Бројат часови до крајот на работното време.

„Ова не е само нехигиенско. Ова е опасно по здравје“, вели еден од нив. „Има луѓе со притисок, со шеќер, со стомачни проблеми. Што да прават? Да се разболат уште повеќе?“. Прашање без одговор, како и многу други во оваа приказна.

Формално, чистење има. Хигиеничари ангажирани од Западна Македонија доаѓаат двапати неделно во Скопје. Но нивниот распоред, велат вработените, е јасен: ескалатори, лифтови, ходници, прозорци, скали, перони. Сè што е пред очите на јавноста. Сè што може да се види.

Службените тоалети, редовно остануваат прескокнати. Или нема време, или нема налог, или никој не прашува. А кога никој не прашува, ништо не се менува, се жалат нашите соговорници.

Фото: Локално

Апсурдот станува уште поголем кога ќе се спореди состојбата со тоалетите за патници. Нив, според сведоштвата, ги одржува социјален случај кој наплаќа по 10 до 20 денари за користење. Иронијата е сурова: приватна иницијатива, без систем, функционира подобро од државна грижа. Но и тука има „работно време“. До 16 часот. Потоа – клуч.

И повторно истото прашање што одѕвонува меѓу валканите ѕидови: што после 16 часот? Железничката станица не затвора.

„По 16 часот, ако ти се приоди – снаоѓај се“, вели друг вработен. „Или трпиш, или бараш некое кафуле ако можеш да излезеш. А патниците? Па, нека се снаоѓаат и тие“.

Ова не е приказна за расипана чешма или за скршена плочка. Ова е приказна за целосно откажување од одговорност. За институција што дозволува луѓе да работат во услови под секое достоинство. Во главен град. Во држава што се колне во европски вредности.

И додека надлежните молчат, службените тоалети продолжуваат да бидат темни, валкани и заборавени. А вработените продолжуваат да бројат часови. Не до следното чистење, туку до моментот кога ќе можат да излезат од зградата. И барем накратко, да се чувствуваат како луѓе.

Б.Т.