Со дрски измами одземени пари од граѓани

од desk2
146 прегледи

 

Во три одделни случаи, со дрски измами во болница, банка и дома, одземени се пари од граѓани.

Во Секторот за внатрешни работи Скопје вчера во 11.25 часот Ѓ.А.(61) пријавил дека на 31 јули 2018 година околу 11 часот во Клиниката за очни болести при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека оштетениот го носел неговиот дедо на лекар, му пришло непознато лице и му рекол дека веднаш ќе му завршел работа во врска со болеста на дедо му.

Потоа, сторителот му побарал сума од 7.000 денари кои му рекол дека ќе му ги врати откако ќе ги рефундира, по што откако ги зел парите, го напуштил местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Во Секторот за внатрешни работи Скопје вчера во 17.30 часот Д.С.(75) пријавила дека истиот ден околу 9.30 на булеварот „Видое Смилески-Бато“ од непознато лице била измамена за 10.000 денари.

Сторителот и пришол на оштетената, откако таа излегла од банка, кажувајќи и дека парите што ги зела од банката биле неважечки. Оштетената му ги дала парите, кои сторителот ги зел под изговор дека ќе појде и да ги смени, по што веднаш го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Во Секторот за внатрешни работи Скопје вчера во 12.30 часот Р.Б.(81) пријавила дека на 28 јуни 2018 година околу 7 часот во нејзиниот дом во село Раштак Б.Д.(38) извршил кривично дело измама со што сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 8.000 денари.

Б.Д. откако дошол во нејзиниот дом ветувајќи и дека ќе и донесе огревно дрво, побарал и зел 8.000 денари за да го поправи возилото со кое наводно требало да ги донесе дрвата. Но и по еден месец тој не ги донел дрвата и избегнувал секаков контакт. Се работи на целосно расчистување на случајот.