Со грант од Националната стратегија за Ромите ќе се градат нови објекти за жителите на Старата касарна во Кочани

од Vlatko K
144 прегледи

Општина Кочани ги обезбеди потребните средства од 7,5 милиони денари за изградба на нови објекти за домување на дваесетина семејства од објектот на Старата касарна.

При денешната посета на локалната самоуправа, министерот без ресор Музафер Бајрам, кој е задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, рече дека Кочани добива околу една третина од вкупно предвидените 20 милиони денари од Националната стратегија за Роми за поддршка за општините во кои живее ромско население.

– Проектот за изградба на објекти каде ќе бидат преселени станарите од Старата касарна беше оценет како успешен. Покрај очекуваната прва транша од финансиската поддршка што ќе се случи деновиве, реализацијата ќе продолжи и ќе оди етапно, до крајот на оваа и во текот на наредната година, истакна министерот Бајрам.

Според градоначалникот Николчо Илијев, Општина Кочани е подготвена за долгорочно решавање на овој повеќедецениски проблем, кој е приоритетен и за самите станари, но и за градот.

– Како локална самоуправа направивме иницијатива и ја изработивме урбанистичката планска документација, избравме локација и изготвивме проект каде ќе бидат сместени луѓето од Старата касарна. Со информацијата дека на седница на Владата е одлучено да добиеме финансиска поддршка, веќе можеме да ги започнеме подоготвките за фазна градба на објектите во кои ќе бидат преселени овие лица. Од своја страна Општината презеде обврска за изградба на пристапен пат, потпорни ѕидови, одвод на отпадните води и водовод. Тоа значи дека ова е еден покрупен проект, со цел и овие луѓе да добијат пристојни живеалишта, истакна Илијев.

Според урбанистичката документација и изработениот проект, објектите за домување на станарите од Старата касарна ќе се градат во месноста Пресечена Скала, на северниот дел на Кочани. Парцелата со површина од 2,9 хектари е на земјиште во државна сопственост, а со планскиот опфат се предвидени дваесетина градежни парцели.