„Со Харис без промени, со Трамп на подинамично ниво“: Какви „ветришта ќе дуваат“ од САД по изборите во ноември и односот кон Западен Балкан?

од Nikola Popovski
221 прегледи

Политичката сцена во САД никогаш понеизвесна, но никогаш поинтересна. За неполни 24 часа откако беше поддржана од претседателот Бајден за кандидат на демократите, Камала Харис обезбеди повеќе од половината делегати потребни за номинацијата. Харис собра и рекордна сума од над 80 милиони долари донации за политичкиот циклус. Во првиот говор во предизборниот штаб на демократите во Делавер, охрабрена од сопартијците тргна во жестока политичка битка со противкандидатот, поранешниот претседател Доналд Трамп.

Конвенцијата за официјална потврда на Демократскиот кандидат е закажана од 19-ти до 22-ри август во Чикаго. Според анкети на „Ројтерс“ и ИПСОС, Харис има поддршка од 44 насто од гласачите, наспроти 42 проценти за Доналд Трамп. Републикански лидери побараа нивната кампања да се заснова на политики, а не на личности. Ја предупредија партијата да не користи расистички коментари против потпретседателката Харис.

Доколку биде избрана за претседателка во ноември, потпретседателката Харис би стапила на функцијата со надворешно-политичко досие дефинирано од нејзиниот мандат како сенаторка за време на претседателствувањето на Доналд Трамп и нејзиното време како жената број два до еден од најискусните американски претседатели, Џо Бајден, кога станува збор за меѓународната политика во американската историја.

Како би изгледала надворешната политика на САД под евентуалното раководство на Харис?

Дел од аналитичарите во земјава, но и од регионот, сметаат дека нема да дојде до голема промена во односот кон регионот, особено кон косовското прашање и релациите со Србија. Според Димитар Николовски – извршен директор на ЕВРОТИНК, од Харис се очекува да не внесува големи промени, т.е. да ги продолжи политиките воспоставени од стран на Џо Бајден.

Димитар Николовски

-Тоа значи уште поддршка за Украина преку вооружување и одржување на про-украинските коалиција на западни држави, вели Николовски во разговор за „Локално“.

Што се однесува до Балканот, смета дека ќе се продолжи со помагање на дијалогот помеѓу Приштина и Белград.

-Ова, секако, е во спротивност со изолациската политика која ја ветува Доналд Трамп, дециден е соговорникот.

Оттаму, додава директорот на ЕВРОТИНК, ова ќе значи најверојатно продолжување на конфликтот во Украина, но не и отворање на нови жаришта во Европа.

Со сличен став е и косовскиот политички аналитичар, Леон Духанај. Сепак, смета дека се ќе зависи од пристапот на актерите овде, како ќе се доближат кон дијалогот.

-Можеби со претседател како Трамп, агендата би била подигната на подинамично ниво, но тоа останува да се види. Што се однесува до неодамнешните настани овде во регионот, мислам дека имаме работа со две неодговорни влади, без разлика дали на Курти на Вучиќ, во отсуство на јасна визија за иднината и конкретни решенија за подигнување на нивото на демократија, развој и благосостојба, потенцира аналитичарот во разговор за „Локално“.

Тие претпочитаат, истакнува Духанај, да им се сервираат националистички теми, држејќи го јавното мислење под притисок за изборни интереси.

Леон Духанај

-Мислам дека нема волја кај народот за каква било ескалација на ситуацијата, ниту на Косово ниту во Србија. Сите овие глупости се организирани од пропагандистите на соодветните влади, тврди соговорникот од Приштина.

Аналитичарот е дециден дека изборите во САД имаат посебно значење за целиот свет, особено по обидот за атентат на Трамп.

-Од друга страна, Демократската партија, односно претседателот Бајден беше под постојан притисок, бидејќи неговата способност да се кандидира повторно беше доведена во прашање поради неговата здравствена состојба.

Овој притисок дополнително се засили по зголемувањето на поддршката за Трамп, каде како резултат на тоа, претседателот Бајден ја повлече својата кандидатура за следната трка.

Според мене, ова беше многу соодветен и навремен чин. Демократската партија има доволно време да се реорганизира преку нов кандидат, па дури и да победи на изборите. Трката ќе биде многу тесна и нема да имаме јасни можности за предвидување, оценува Духанај.

За време на нејзините четири години во Сенатот, Харис беше член на Комитетот за разузнавање и домашна безбедност на Сенатот, заработувајќи пофалби од тогашните колеги од Сенатот за нејзиниот „паметен“ пристап кон работата на чувствителните комитети.

Харис, исто така, имаше повеќе меѓународни патувања како сенаторка, посетувајќи ги Авганистан, Ирак, Јордан и Израел во 2017 и 2018 година.

Гласаше против номинациите на Мајк Помпео и Џина Хаспел за директори на Централната разузнавачка агенција. Таа, исто така, се спротивстави на номинациите на Рекс Тилерсон, а подоцна и на Помпео за државен секретар и на номинацијата на Марк Еспер за секретар за одбрана на Трамп.

Како потпретседател на САД, има советник за национална безбедност, Филип Гордон, кој служел во администрациите на Обама и Клинтон. Гордон е експерт за Европа, кој исто така има големо искуство на Блискиот Исток.

Заменик-советникот за национална безбедност на Харис е Ребека Лиснер, поранешен офицер за планирање во Националниот совет за безбедност, каде што го надгледува креирањето на стратегијата за национална безбедност на администрацијата.

За разлика од Трамп и евентуалниот следен потпретседател на САД, сенаторот Џеј-Ди Венс, највисоките функционери за национална безбедност на Харис се „традиционалисти“ и „интернационалисти“.

Н.П.

Слични содржини