Актуелно
Почетна / Македонија / Со инвестиција од пет милиони евра во штипската филтер станица ќе се решава долгорочно проблемот со водоснадбдување

Со инвестиција од пет милиони евра во штипската филтер станица ќе се решава долгорочно проблемот со водоснадбдување

Пет милиони евра ќе се инвестираат во штипската филтер станица со цел да се приспособи за добивање на вода од хидросистемот Злетовица. Ова денеска го објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски при посетата и обиколката на филтер станицата.

Тој истакна дека тендерот за нова опрема, но и за доизградба на друг објект во рамки на филтер станицата е распишан, а веќе на 5 февруари се затвора тендерот.

Димковски забележа дека целта на Владата е хидросистемот Злетовица да се стави во функција, бидејќи во моментов со вода за пиење од него се снабдуваат само две општини, Пробиштип и Свети Николе, додека во Штип, Карбинци и Лозово се потребни дополнителни инвестиции.

-Во Карбинци веќе е затворен тендерот и е избран изведувачот. Проектот е проценет на 85 милиони денари, а овде во Штип проценетата вредност е 290 милиони денари за доизградба на филтер станицата со најсовремена технологија односно со ултрафилтрација. Така што се очекува на 5 февруари да се затвори повикот односно оние фирми што имаат пројавено интерес нивните апликации ќе се разгледаат и многу бргу очекувам да се започне со активностите, бидејќи парите се обезбедени во буџетот преку МЗШВ, вели Димковски.

Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски забележа дека со преадаптацијата на филтер станицата и новата опрема Штип долгорочно го решава проблемот со водоснабдувањето.

Се очекува изградбата и опремата да биде изградена во рок од една година.

-Токму поради ова навистина е голема инвестиција од пет милиони евра која што ќе се вгради во опрема и во одредена доградба на уште еден објект до самата филтер станица, со цел да ја преработува водата од хидросистемот Злетовица. Со тоа го решаваме долгорочно снабдувањето со вода на градот Штип, рече Бочварски.

Тој истакна дека во услови на климатски промени кои се одразуваат и врз нивото на подземните води во бунарите ваквите инвестиции се потребни за градот Штип. Во моментов од постојниот бунарски систем филтер станица преработува и дистрибуира вода до граѓаните од 180 до 200 литри во секунда, но со новата инвестиција во филтер станицата, дистрибуцијата на водата за пиење ќе биде и до 300 литри во секунда.

loading...