Одржувањето на неформалниот состанок на лидерите на државите членки на НАТО од регионот е уште една потврда дека нашата земја е препознаена како ценет НАТО сојузник и фактор на стабилноста во Западен Балкан, велат од СДСМ како реакција на посетата на генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг и одржувањето на средбите со лидерите на НАТО сојузниците од регионот.
Од партијата на власт наведуваат дека безбедносната стабилност носи економски просперитет.
-Странските инвеститори ја препознаваат Северна Македонија како сигурно место за вложувања, со што се обезбедуваат подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард. СДСМ со храбри и решителни одлуки ја внесе државата во НАТО, велат од „Бихаќка“, нагласувајќи дека со исправните политики на партијата и членството во НАТО, земјата е безбедна и сигурна.
Владеачката партија се осврна и на уставните измени, истакнувајќи дека продолжувањето на европскиот пат сега зависи само и единствено од нас и од одлуките што треба да се донесат во Собранието.
Заблагодарувајќи му се на Скопје за лидерството и посветеноста на НАТО, Столтенберг истакна дека Северна Македонија е „општество и земја со успешна мултиетничка структура“.
-Северна Македонија е високо ценет сојузник, а тоа го докажува фактот што денеска доаѓаме овде на овој самит на лидерите на НАТО. Со нетрпение очекувам да разговараме за безбедноста на регионот со лидерите, како и за решавање на некои од предизвиците со кои се соочуваме надвор од регионот, нагласи шефот на НАТО.
Тој при дводневната посета на земјава истакна дека Воената алијанса не гледа воена закана од страна на Русија кон ниту една земја-членка, иако оцени дека постојат тензии на Косово и БиХ.