Со најпознатите италијански и француски арии за сопран и тенор во изведба на романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија предводени од маестро Николае Молдовеану, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Грандиозниот настап на двете оперски ѕвезди под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија уште еднаш ја потврдија репутацијата на Мошук како еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, но и на уметникот Братеску, како еден од најбрилјантните тенори на денешницата. Публиката која го исполни големиот Амфитеатар уживаше во најпознатите и најпопуларните оперски арии од Џакомо Пучини, Чарлс Гуно, Пјетро Маскањи,Винченцо Белини и од Џузепе Верди. Како посебно изненадување оперската дива Мошук ја изведе композицијата „Македонско девојче“ со што ги воодушеви посетителите на Антички театар.
Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва па се до 20 август ќе биде центарот на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудиовизуелни импресии.
Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и онаа на модерен накит.