Со извалкано име ќе го расчистуваат судството

од desk2
138 прегледи

Новите членови на Судскиот совет вчера се заколнаа дека ќе работат според Уставот и законите, но од петтемина единствено само судијката Гордана Спиревска застана пред новинарите и ги кажа своите очекувања за новата функција, пишува Независен.

Останатите четворица новоизбрани членови, врховниот судија Киро Здравев, судијата Зоран Теофиловски од Гостивар, Лорета Горгиева, избрана од штипското апелациско подрачје и судијата Мирсад Суроји, избран од редот на судиите припадници на немнозинските заедници, одлучија да не одговорат на незгодните новинарски прашања. Дел од новите членови со извалкано минато треба да ја вратат довербата во Судскиот совет над кој се надвиснати политичките влијанија. Судијката Спиревска во име на сите избрани членови порача дека нивната цел ќе биде да ја сменат перцепцијата на јавноста за судскиот совет и дека нема да ја повторат праксата на нивните претходници, да се колнат во Уставот и законите, а потоа да ги кршат.
„Јас верувам дека оваа заклетва нема да има само формално значење. Со нашето вистинско и правилно работење, со одбирање на стручни судии со морален интегритет мислам дека ќе придонесеме да се смени перцепцијата на јавноста во Судскиот совет, што значи дека тоа автоматски ќе влијае и на квалитетот на судиите кои ќе бидат избрани. Сето тоа за неколку години сигурна сум дека ќе ја смени перцепцијата за ова тело и за судството воопшто“, изјави Спиревска.

И покрај тоа што таа е свесна како граѓаните ги доживуваат судиите, тврди дека судиите се независни.

„Ние судиите сме независни, мислам дека сите го знаете тоа. Јас лично како член на Судскиот совет ќе бидам отпорна на политички влијанија. Мислам дека во целото мое долгогодишно искуство од повеќе од 20 години сум докажала дека сум отпорна на политички влијанија“, рече Спиревска.

Но зад неа останаа судиите Киро Здравев, кој ја победи својата колешка Лидија Неделкова во трката за член на Советот и Зоран Теофиловски, кои влегуваат во Советот избрани со мнозинство гласови на судиите, но со дамка зад себе. Здравев беше дел од советот на Врховниот суд кој одлучуваше по жалбата за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски и против него и неговиот колега Васил Грчев невладината организација „Зелена лупа“ поднесе кривични пријави. Организацијата тогаш им забележа на судиите дека наместо да ги отфрлат жалбите како недозволени, одлучувале за жалбите, постапка што поранешните разузнавачи ја искористија и избегаа од Македонија./Независен

Целиот текст ТУКА