Чекор по чекор, без да прескокнува ниту едно скалило, педесет и шестгодишната кумановка Словенка Јовановска, работничка во чевларскиот сектор, успешно ја гради својата кариера над три и пол децении. Последниве пет години е мајстор во погонот на фабриката „Босс чевли“ . За да дојде до оваа позиција и требале години да го совлада занаетот за изработка на квалитетни чевли, упорност, знаење, исполнителност, но и социјални умешности со што ги мотивира помладите колешки.

И се допаѓа што работи во средина во која поголемиот дел се жени работнички. И токму во погонот од фабриката речиси 90 проценти се жени.
-Малку напорно, но секогаш е забавно и со добра организација се може да се постигне. Се што се сака и се работи со љубов, раѓа успех. Имаме и неколку млади кои доста се ангажираат, додава Јовановска.
Таа со својата професија го обезбедувала своето семејство и иднината на двете ќерки. Сега веќе има и внуци. Работата, вели е чесна и со труд и љубов ја работи.
-Задоволство е кога ќе слушнам кога муштериите ги фалат нашите чевли, нивната удбоност, изработката, вели Јовановска.
Осми март, Денот на жената, Јовановска и нејзините колешки ќе го прослават во еден од кумановските ресторани. Веќе се договориле малку да се опуштат за време на викеднот. Лани, пак биле на патување во Црна Гора. Чевларките од Куманово се рбетот на економскиот раст на локално ниво. Успешни жени кои вредно ја заработуваат платата.
Сепак и Јовановска и нејзините колешки ги загрижува иднината на оваа индустрија. Велат дека секоја година се помалку млади доаѓаат да прашуваат за оваа работа.
Оваа дејност заедно со текстилната традиционално се најмалку платени професии во државата, затоа и покрај тоа што постојано има огласи за вработување нема интерес кај младите за чеварската индустрија. Не ретко дел од фирмите прават и пауза во некои сезони, поради недостиг на побарување од странство. Во некои делови од Италија каде што и најмногу извезуваат кумановските компании, токму во одредени месеци властите ги субвенционираат компаниите за плата и придонеси. Таков пример би можеле да го следат и властите од државата, апелираа претходно работодавачите од оваа индустрија, а краен бенефит ќе имаат и работниците кои нема да стравуваат за својата работа и ќе немаат прекин во работниот стаж.
Александра Максимовска MIA