За првпат во историјата на Македонија, донесен е Закон за работно ангажирање на лица, со кој се овозможува поширок опсег на граѓани да се вклучат на пазарот на труд, без да ги загубат постојните права. Ова денеска го соопшти Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека ваквиот закон бил барање и на работниците и на работодавачите уште од почетокот на независноста.
Со новиот закон, право на работно ангажирање имаат невработени, вработени, самовработени, студенти, лица под 18 години (доколку ги исполнуваат условите за работа), пензионери – со исклучок на оние кои земаат семејна пензија поради неспособност – како и странци со регулиран престој. Мицевски потенцира дека ангажираните нема да ги изгубат правата што веќе ги имаат, што значи дека пензионерите ќе можат да работат и да ја задржат пензијата, а студентите – да стекнуваат искуство и дополнителна заработка.
„Ова е добивка за сите – граѓаните ќе можат да заработат повеќе, државата ќе наплати повеќе давачки, а работодавачите ќе добијат пристап до повеќе работна сила“, изјави Мицевски.