Со новите законски мерки до поголема безбедност на улиците или поголемо незадоволство: До сега опоменати 71 сообраќајни учесници

Новите законски измени во сообраќајот во фокусот на јавноста: „Мерките можат да ја зголемат безбедноста, но ако се почитуваат“

од Бисера Трајковска
43 прегледи Фото: МВР

Разговарање на мобилен телефон, користење на слушалки во двете уши, смарт часовник или таблет при преминување на прешачкиот премин веќе станува минато, откако МВР на 26 септември ги донесе новите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Засега учесниците во сообраќајот поминуваат само со опомена, но наскоро ќе има и парични казни.

Од МВР за „Локално“ информираат дека од 26 до 29 септември од страна на полициски службеници од СВР Скопје издадени се 71 опомена за граѓаните. 

Како што велат од Министерството, со санкции кон граѓаните ќе се започне кога истите веќе ќе бидат запознаени со новите измени во законот.

Сепак, оваа одлука е во фокусот на јавноста изминатиот период, при што граѓаните излегоа со реакција на социјалните мрежи – дел сметаат дека мерките се неопходни, но многумина се прашуваат зошто казните се фокусирани на пешаците и возачите на тротинети, а не на возачите на автомобили кои зборуваат на телефон додека возат.

По однос на ова прашање, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Горан Ангеловски, за „Локално“ изјави дека за возачите има казни во претходните законски одредби.

Сега, како што вели, се направени само измени во делот кој се однесува на возачи и на тротинети, возачи на трактори, мотокултиватори, мобилни машини и во делот на пешаците.

-Останатите казни кои што се однесуваат за возачите, поточно на моторни возила, беа претходно воведени за истите прекршоци. Овие измени се состојат само за оваа категорија учесници во сообраќајот, посочи Ангеловски.

Тој останува на ставот дека овие законски измени можат да ја зголемат безбедноста во сообраќајот, доколку истите се почитуваат.

-Пешаците пред се, мора да бидат фокусирани на сообраќајот, па понатаму на другите работи, разговарање на телефони и останати електронски уреди, додаде Ангеловски.

Како што посочи, РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не користат електронски уреди како што е предвидено согласно законските одредби.

Од невладината организација „На Точак“ изјавија дека не ги прифаќаат предлозите на МВР и излегоа со свои барање. Тие бараат казните да бидат 20 евра казна за пешаци, 40 евра казна за велосипеди и 60 евра за возачи на автомобили, наместо моменталното: 40 евра за пешаци, 50 евра за велосипеди и 40 евра за автомобили. 

Сообраќај. Фото: МВР

Како што појаснија, бараат да има забрана за користење електронски уреди при возење и за возачите на автомобили, не само за возачите на велосипеди, тротинети, трактори.

Сите треба да бидеме поприсутни кога сме во јавен простор. Тоа е важно не само за нашата и безбедноста на другите, туку и за нашето психолошко и општествено здравје. Меѓутоа, со ова законско решение пешаците и велосипедистите не се ни еднакво третирано како возачите на моторни возила. Тие се третирани како поодговорни. Тоа апсолутно не е во ред по никој основ, ни етички, ни статистички, велат од „На Точак“.

Од МВР потенцираат дека согласно законските измени, пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента.

-Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови, велат од МВР.

Како што појаснуваат, возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.”

Ова, појаснуваат, подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието. Целта на ваквите законски измени е создавање на услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

Б.Т.