Со посебен закон околината на Собранието ќе стане безбедносна зона

од Nikola Popovski
39 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска најави дека со посебен закон, околината на Собранието ќе биде прогласена за безбедносна зона. Тој информира и дека тој дел не е во рамките на реформите кои се подготвуваат за безбедност и независно обезбедување во Собранието. Постои работна група и заедно со повеќе организации се работи на таа агенда.

-Со Законот го решаваме само дворното место околу Собранието кое што беше во приватна соопственост и каде што требаше да се гради катна гаража. Ако го донесеме Законот, таа зона ќе биде прогласена за безбедносна и ќе ѝ припадне на државата, рече Гаши при презентацијата на извештај по повод една година од неговиот мандат.

Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 година, кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. Фирмата „Анго“ ДООЕЛ парцелата од 2.455 квадратни метри ја купи за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра. Според деталниот план беше предвидено гаражата да има приземје и два ката, а влезот беше предвиден од кај пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ.

Инвеститорот, „Анго“ ДООЕЛ, доби одобрение за градење во август 2014 година од Општина Центар, а Општината во 2018 година го поништи, затоа што изградбата не почна во предвидениот рок. Потоа инвеститорот се жалеше пред Управниот суд, и откако ја доби постапката, реши да продолжи да гради.

Слични содржини