Со врачување на највисоките признанија вечерва свечено се затвораат „Струшките вечери на поезијата“

од Vladimir Zorba
239 прегледи

Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва на Мостот на поезијата свечено ќе се затвори 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“, со почеток во 20:30 часот.

Награди ќе им бидат врачени на годинешниот лауреат и добитник на „Златен венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ, на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржува од 24 до 28 август  под мотото „Чувствотворен јазик“, настапуваат повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

Утре е последниот фестивалски ден, кој ќе биде одбележан со „Поезија на пат“, поетско читање во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, а фестивалот официјално ќе заврши со Меѓународен поетски митинг на платотот пред Музејот на современа уметност во Скопје.

Програмата на фестивалот целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП.

Слични содржини