Пратениците од Собранието на Република Македонија на денешната седница дадоа поддршка по скратена постапка за носење на Предлог-законот предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации.
Предлогот беше прифатен едногласно од сите 84 присутни пратеници без ниту еден „против“ или „воздржан“глас.
Според предложениот текст, организациите, здруженијата, фондациите, синдикатите и другите облици на здружување регистрирани според Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од влегувањето во сила на законските измени да го усогласат своето име или цели и активности, според наведените прописи.
Со новиот закон нема да може да се користат имињата како „Цар Борис Трети“ „Цар Фердинанд“ или „Иван Михајлов“.
Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации, кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе во Собранието на 7 октомври како реакција на нижењето бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности – соработници на фашистичката оска во Втората светска војна, станаа дела од набиената агенда на денешната 88. пленарна седница на Собранието, како една од над 30 точки на дневен ред, меѓу кои и изборот на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа и избор на двајца членови на Уставниот суд.