НУРЕДИНИ, МИЛЕВСКИ, ДУРАКу, ИСМАИЛИ И ДИМКОВСКИ се НОВИ МИНИСТРИ ВО ВЛАДАТА НА ЗАЕВ 
По дводневна расправа жестока дебата , денеска, Собранието избра пет нови министри . Тоа се Насер Нуредини кој ќе раководи со Министерството за животна средина, Горан Милевски со Локална самоуправа, Садула Дураки со Политички систем, Трајан Димковски со Земјоделие и Хусни Исмаили со Култура. Позицијата министер за финансии останува празна, откако премиерот Зоран Заев вчера ја повлече кандидатурата, по сугестии на антикорупционерите заради конфликт на интереси, но сепак ќе раководи со ресорот до избор на нов министер.
Премиерот Зоран Заев во кусото обраќање пред гласањето истакна дека реконструкцијата е дел од промените кои ги најавил на сите нивоа, по приемот на пораката на граѓаните на претседателските избори и оти се прави исклучиво во интерес на граѓаните.
Промените за реконструкција на Владата се до не повеќе осум луѓе, рече Заев, затоа предложивме промена на седум. Тој најави дека промените ќе продолжат и во други институции, на централно ниво, на подрачни единици, јавни институции…
-Оваа промена има за конечна цел подготовка во период кој, според мене, е драгоцен и не треба нашата земја да го пропушти и треба да се подготви со сите максимални капацитети. Таков период се случувал во сите земји кога станувале членки на НАТО или отворале поглавја за членство во ЕУ. Убеден сум дека до декември имаме огромни шанси да станеме членки на НАТО, бидејќи 20 членки веќе го ратификуваа протоколот, како и дека ќе ги отвориме поглавјата 23 и 24 за членство нво ЕУ, рече Заев.
Во еден ваков период, рече, треба да се посветиме на севкупните реформи во државата, а најголеми треба да бидат во нашата лична, поединечна одговорност и чесност.
Тој потенцира дека одлуката да раководи со Министерството за финансии до избор на нов министер не е да потпишува или, како што рече, да прави нешто што би го правел министерот.
-Амбицијата е да ги максимизирам моите односи на одговорност преку преземањето сериозни крупни одлуки кои можеби досега никој не ги размислувал и преземал, а кои се апсолутно рационални и одговорни и кои треба да донесат бенефит за сите граѓани во оваа наша земја. Целта на реконструкцијата се пред се интересите на граѓаните и државата и ништо повеќе, рече Заев.
Во рамки на дебатата пратениците од опозицијата ја обвинија власта дека реконструкцијата што ја предложил премиерот Зоран Заев е само козметичка, а не вистинска промена. Ова, рекоа, покажува дека тие не го чуле гласот на народот. Пратениците од партиите на власт, пак, сметаат дека реконструкцијата е резултат токму на тоа што власта ги слуша граѓаните и оти новите предложени министри ќе продолжат да спроведуваат политики со кои земјата ќе продолжи да се движи напред.
За изборот на Горан Милевски гласа 65 пратеници, а против беа 24. Садула Дураку доби 64 гласа „за“ и 28 „против“. За Насер Нуредини гласаа 64, а против беа 25, еден воздржан. Трајан Димковски доби 66 гласа „за“ и 26 „против“ и за Хусни Исмаили гласаа 65, а против беа 26 еден воздржан.