Собранието го доби европскиот предлог, не е закажана седница за вечерва

од Nikola Popovski
130 прегледи

Владата денеска соопшти дека до Собранието го проследила францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ.

Како што е наведено, Владата ја разгледала информацијата од Министерството за надворешни работи за предлогот на преговарачката рамка за Северна Македонија, што ја презентираше француското претседателство со Европската унија.

„Одлучено е предлогот за преговарачка рамка да се испрати до Собранието на Северна Македонија на разгледување и донесување дополнителни заклучоци, согласно собраниската процедура“, соопштија од Владата на премиерот Димитар Ковачевски.

Во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, велат дека до нив е стигната „Информација за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022“.

„Согласно процедурите, материјалот ќе се достави до пратениците и за понатамошно постапување, соодветно и навремено ќе бидете информирани. Имајќи ги во предвид шпекулациите, Ве информираме дека за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани“, велат од Собрание.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска ѝ порача на нашата земја дека прифаќањето на францускиот предлог е историска можност која овозможува почеток на активната фаза од процесот на пристапување во ЕУ, 17 години по добивањето на кандидатскиот статус.

„Северна Македонија повторно се соочува со клучен момент во својата историја. Седумнаесет години по добивањето кандидатски статус, штотуку се отвори историска можност: влегување во активната фаза на процесот на пристапување во ЕУ. Изборот е ваш“, се вели во пораката на Макрон објавена од Француската амбасада во Скопје.

Слични содржини