Собранието го донесе Законот за задолжување на ЕСМ кај КфВ банката за ревитализација на хидроелектраните

од Vladimir Zorba
143 прегледи

Собранието во рамки на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 103-тата седница едногласно со 89 гласа „за“ го донесе Законот за државна гаранција на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента I: Ревитализација на хидроелектрани, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ. Со Законот се овозможува државната енергетска компанија да добие заем од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова – КфВ.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. При повлекување на секоја наредна транша се пресметува пондерирана просечна каматна стапка и истата ќе се применува на повлечениот износ од заемот. Заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.

Преку Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента I ќе се спроведува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка. Вкупно се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра, обезбедени се и 11,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан – ВБИФ.

Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светска банка и од КфВ. Нивната инсталирана моќност изнесува околу 85 проценти од вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните државата. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно со нив се обезбедува 20 проценти од вкупното производство на електрична енергија во државава.

Слични содржини