Собранието денеска го одби предлогот на пратеникот од Европскиот фронт, Скендер Реџепи-Зејд за ставање на дневен ред на Резолуција за Газа. Според резултатите од гласањето, само 16 пратеници во македонското Собрание гласале за хуманитарна помош за Газа. По ваквата одлука, пристигна критика од професорката и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска.
„И глуви и слепи и без трошка совест – ова се однесува на Собранието, Владата и Претседателката! Молчат како риби 260 денови за злосторства против човечноста“, порача Ванковска.
-Изразуваме длабока солидарност со палестинското население. Потсетуваме дека секој човечки живот има своја вредност без разлика од каде доаѓа. Имаме морална обврска и ги повикуваме ОН, ЕУ и Исламската конференција за да извршат притисок врз Израел за прекин на хуманитарната блокада. Исто така очекуваме и Владата да изврши дипломатски притисок врз Израел, кажа неодамна Реџепи Зејд на прес-конференција.
Од почетокот на блокадата на 2 март 2025 година, само ограничен број на помошни камиони успеале да влезат во појасот Газа под строги ограничувања, што е драстично помалку од потребното ниво наведено од Обединетите нации.
СЗО соопштува дека во првите шест месеци на 2025 година најмалку 5.100 деца биле хоспитализирани поради акутна неухранетост, од кои околу 800 биле во сериозна состојба на емакцијација. Нивните истражувања покажуваат дека скоро 10% од проверените лица, и до 20% од бремените жени, покажуваат знаци на тешка или умерена неухранетост.