Парламентот не го изгласа предлогот за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со цистична фиброза над 26 години. Како што биле информирани попладнево членови на Асоцијацијата за цистична фиброза, пациентите биле ослободени од партиципација уште во 2019 година.
Во меѓувреме, бил презентиран документ, со што пациентите со цистична фиброза влегуваат во оние пациенти кои се ослободени од партиципација од 2019 година.
Асоцијацијата за цистична фиброза претходно денеска на прес-конференција ја поддржа иницијативата за предлог законски измени за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со оваа болест постари од 26 години и ослободување од плаќање на патарини и патни такси.
-Бараме и очекуваме поддршка од сите политички партии и пратеници, за прифаќање и брза реализација на законските измени. Во исто време, како пациенти и родители на пациенти, потсетуваме на добиеното ветување за достапност на модулаторна терапија за сите пациенти со цистична фиброза и се надеваме дека ова ветување ќе биде реализирано во најкус можен рок, рече Жоржета Илиеска од Велес, родител на пациент со цистична фиброза.
Моментално, 12 пациенти добиваат „трикафта“, лек со кој се олеснува болеста и лицата со оваа болест може да функционираат без проблеми. Асоцијацијата за цистична фиброза се бори лекот да го добијат сите пациенти во државата.