Собранието не се произнесува од јуни: Бочварски повика на либерализација на железничкиот сообраќај

од Vladimir Zorba
261 прегледи

Ако сакаме да имаме успешен патнички и товарен сообраќај, успешно претпријатие во делот на железниците, мораме да направиме либерализација на железничкиот сообраќај во државата, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски попладнево од собраниската говорница, одговарајќи на прашањето зошто се укинуваат железнички линии, поставено од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска.

-Зошто го велам ова? Не заради тоа што ова е барање на Европската унија и како еден отворен либерализиран пазар треба да ги отвориме границите да можат да оперираат и други оператори, а не само домашниот оператор. Туку заради тоа што со тој чин и на тој начин, ние ќе овозможиме подобри услуги спрема граѓаните. На 20 јуни годинава, Владата ги усвои измените на Законот за железнички систем во кој што се опфаќа либерализацијата. Од 20 јуни до денеска помина месеци во кои Собранието уште се нема произнесено да ги усвои тие измени. И денеска ќе можеше на таа пруга да оперираат не само македонски железници и транспорт, туку и други оператори доколку појавија интерес. Но, Законот стои овде. Ве повикувам уште еднаш како Собрание, заради тоа што работиме за интересот на граѓаните секој да ја врши својата задача за која што е избран, рече Бочварски, додавајќи дека за да имаме развиен железнички систем и поразвиена дејност мора да работиме на три аспекти, основи од кои една од нив е оваа законска измена.

Според Бочварски, првиот основ е да ја развиеме нашата инфраструктура или мрежата која што ја имаме во државата.

-И во овој дел можам да истакнм дека за последните неколку години направивме сериозни исчекори напред, бидејќи кога дојдовме на власт ниту се градеше пругата Битола-Кременица која за вашиот регион и за вас како пратеник верувам дека е важна и далеку од тоа дека претходната Влада која вие сте биле поддржувач и сте поддржуваќ од таа политичка партија не направи ниту еден чекор освен што ни остави еден заглавен проект на изградбата на таа железничка пруга. Кога дојдовме го решивме тој проблем и ја изградивме со технички прием железничката пруга Битола-Кременица. Коридорот 8 или кракот од Куманово до граница со Бугарија е поделен на три делници и три секции. Првата е од Куманово до Белаковце, која исто така беше заглавена без изведувач. Втората не ни размислувавте, а третата да не правиме муабет дека нешто сте преземале како Влада во тој момент. Денеска првата делница од тие три делници веќе се гради со склучен договор од нешто над 40 милиони евра и има одличен прогрес на работите. Втората делница која што исто така не направивте ништо 11 години е во вредност на склучен договор од 155 милиони евра или нешто под 200 милиони евра инвестиција само на Коридорот 8 на изградбата на пругата. Две од трите секции веќе ги градиме, а за третата се подготвува распишување на тендерска постапка за избор на изведувач на третата или најкомплексната делница на Коридорот 8. Завршивме со реконструкција на пругата Ногаевци-Неготино дел од Коридорот 10, која што беше во многу лоша состојба. Таа реконструкција е завршена и таа пруга е оперативна и е ставена во функција, рече министерот за транспорт и врски.

Вториот аспект е преструктуирање на претпријатието Македонски Железници Транспорт кое, како што рече, не работи добро во изминатите години наназад.

-Тоа е факт и не можеме да замижеме пред тој факт. Се додека не се направи преструктуирање на одреден начин на кој што преку изработена квалитетна и стручна студија, ќе се даде најдоброто решение и како Влада или Собрание ќе се донесат најдобрите одлуки за Македонски Железници. Се до тогаш вака ќе кубури претпријатието и како да го одржиме во живот. Ова го зборувам бидејќи мораме да имаме во предвид и контекстот во кој живееме. Ние, ако се сеќавате пред две години имавме ковид криза во која сообраќајот беше комплетно парализиран и затворен. Сите претпријатија кои што вршат одреден тип на транспорт беа застанати. Тој удар го надминавме, дојде енергетската криза. Кога минатата година енормно се качија сметките за електрична енергија, и помагавме дополнително како Влада за да исплатиме дел од сметките за струја на тоа претпријатие за да може да оперира и да врши транспорт во овие години. За оваа година 450 милиони денари се обезбедени и дополнителни средства веројатно ќе достигнат до 640 милиони денари до крајот на годината. И со ова се покажува грижата на Владата за тоа претпријатие да продолжи да работи во обем и интензитет со кој што ќе може да ги обавува своите функции, рече министерот Бочварски.

Слични содржини