Откако од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека поднесуваат иницијатива за гласање доверба на Владата, се огласија од Собранието, информирајќи дека седницата е закажана за во четврток 11.11.2021, во 11.00 часот.
„Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање за доверба на Влада, а истата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток (11.11.2021), во 11.00 часот, Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување на седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, велат од Собранието.
Со член 217 е предвидено дека Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.
Потпретседателот на ВМРО -ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски денеска објави дека тие заедно со пратениците на АА и Алтератива, Беса и Левица поднесуваат иницијатива за гласање недоверба на Владата.
Според него, оваа иницијатва ја потпишале 61 пратеник и нивните очекувања се дека претседателот на Собранието во соодветниот рок ќе закаже седница, односно најдоцна до четврток.
Николоски посочи дека во тек се интензивни разговори со уште неколку пратеници во Собранието и очекува во моментот на гласањето да има повеќе од 61 пратеник.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на републиката.