Софија го повика на консултации својот амбасадор во Македонија – причина „сериозната состојба со правата на Бугарите“

од Nikola Popovski

Бугарија го повика својот амбасадор во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, на консултации во Софија.

Причината за неговото привремено враќање во земјава е сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на делата и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, велат од бугарското Министерството за надворешни работи (МНР), објавија бугарските медиуми.

Во соопштението од бугарското МНР се наброени инцидентите кои се случија.

-Подметнување пожар на културниот клуб „Иван Михаилов“ – Битола во јуни 2022 година, три по ред напади на објектот на организацијата „Цар Борис Трети“ – Охрид, вклучително и пукање со огнено оружје на 24 ноември 2022 година, агресивната антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија, бруталниот напад на 19 јануари, 2023 година на Христијан Пендиков, секретар на организацијата „Цар Борис Трети“ во Охрид, како и донесување во ноември 2022 година на дискриминаторскиот Закон за фондации и здруженија во Северна Македонија, соопштило Бугарското МНР.

Се додава дека целта на консултациите е да се разговара за „можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните односи“.

Слични содржини