Софија Сапега откри како изгледа животот во затворот во Минск: „Ме мачи тоа што…“

од Stefanija Kuzmanovska
323 прегледи

Русинката Софија Сапега (23) во писмото од белорускиот затвор му напиша на своето семејство дека „не се предава“ и дека „се држи“. Ова е нејзина прва директна комуникација откако беше уапсена во Минск заедно со нејзиното момче Роман Проташевиќ пред повеќе од две недели.

Во писмото, на чиј врв пишува КГБ затвор, Софија го уверува своето семејство дека „сè има свој крај, вклучително и оваа несреќа“, иако сè уште не е познато за што е обвинета студентката.

Софија опишува дека ја „мачи“ тоа што го пропушта во животот, вклучувајќи ги и завршувањата на магистерските студии.

„Денеска требаше да ја бранам дисертацијата и вечерва да одам во ресторан со Роман да пиеме шампањ“, напиша таа во писмото што нејзината мајка го дала на Би-Би-Си.

Наместо тоа, пиела чај и јадела бисквити сама во својата ќелија.

– Тешко е да се помисли дека ќе пропуштам многу други работи во животот. Не сакав да пишувам за ова, но немам со кого да споделувам работи и не можам да се запрам. Простете – напишала понатаму.

Во писмото, Софија го моли семејството да не го обвинува Роман за она што се случило, додавајќи дека Роман ја заштитил најдобро што може.

„Работите ќе бидат тешки за него, но се надевам дека ќе издржи“, додаде таа.

Нејзините уредно напишани писма детално опишуваат како го мери времето со помош на ѕвоната од блиската црква, затоа што нема часовник и ја уверува својата мајка дека започнала да ужива во „ситниците“ во животот, како птичја песна и сонце низ прозорец од ќелијата.

Нејзиниот адвокат рече дека имала напади на паника на почетокот, а во писмата Софија вели дека ѝ даваат лекови и инсистираат на тоа да јаде.

Таа призна дека плачела, но само еднаш – кога ги добила првите писма од дома, и го намирисала парфемот на нејзината мајка.

Нејзиниот адвокат не е во можност да сподели какви било информации за случајот со нејзиното семејство, вклучително и дали била официјално обвинета за нешто затоа што тој бил должен да потпише договор за неоткривање информации.

– Не знаеме ништо, тоа е најстрашното. Освен овие писма, живееме во потполно незнаење за тоа што ѝ се случило. Сè замолкна, навистина е ужасно – изјави нејзината мајка Ана Дудиќ за Би-Би-Си.

Таа додала дека нејзината ќерка се обидува да се држи.

– Сè е многу тажно и не знам како можам да ѝ помогнам. Таа е паметна девојка, главата не и е во облаците. Ја разбира ситуацијата во која се наоѓа – заклучи нејзината мајка.

Слични содржини