Софија со обвинувања: Скопје ја користи депортацијата на македонските Евреи за злонамерни цели

од Vladimir Zorba
201 прегледи

Обвинувањето на Бугарија за депортацијата на македонските Евреи во 1943 година е дел од севкупната злонамерна политика на властите во Северна Македонија, која има за цел да го претстави бугарскиот народ како „фашистички“. Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија, испратен како одговор на прашањата на бугарската редакција на РСЕ

Таа доаѓа откако претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, побара од Бугарија да се извини за депортацијата на македонските Евреи за време на Втората светска војна.

Министерството за надворешни работи посочува дека Бугарија отсекогаш гледала на периодот на Втората светска војна „со посебна грижа за сите 6 милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, вклучително и 11.000 Евреи убиени во нацистичките логори на смртта“, кои живееле во територии на денешна Грција и Северна Македонија, тогаш окупирани од Бугарија.

Од министерството, исто така, потсетуваат дека во 2013 година Националното собрание ги осудило криминалните дејствија на нацистичкиот режим и изрази жалење што не било во рамките на можностите на локалната бугарска администрација да ја запре депортацијата.

„Овие трагични настани немаат никаква врска со државата Република Северна Македонија, која никогаш не постоела пред 1992 година како предмет на меѓународното право и меѓународните односи“, се наведува во ставот на бугарското МНР, испратен до РСЕ.

Се додава дека властите во Северна Македонија не се придржуваат до „објективни историски факти и продолжуваат да ја користат темата на холокаустот за пропаганда и злонамерни политички цели кои немаат никаква врска со сеќавањето на жртвите, научното проучување на холокаустот и борбата против антисемитизмот“.

„Препишувањето на вината на Бугарија од страна на денешните владетели во Скопје се вклопува во нивната севкупна линија на однесување, која има за цел да ги прикаже нашата земја и народ како фашисти“, се вели уште во ставот.

Слични содржини