Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска ново рочиште за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Софтверот за МВР на Драги Рашковски е нефункционален, а требаше да мери брзина. Вештакот на обвинителството, Мане Пиперевски, се обидел да го тестира софтверот на Рашковски ама уште на самиот старт кога го вклучил, му се појавила грешка која според упатството не можела да се надмине. Пиперевски тврди дека во доставената документација од Владата за софтверот, лозинката не била точна, па вештакот морал преку адвокатите да дознае од обвинетите која е точната лозинка за да може да го отвори системот.
„По инсталирањето, се појави грешка поради која не можеше софтверот да се стави во функција и да се продолжи со детална проверка на неговите функционалности.. Од таа причина, заклучувам дека софтверот не е функционален, конфигуриран согласно техничкото упатство, дадени на ЦД-то. Бидејќи софтверот не влезе во функција не можеше да се отиде на терен, за да се испитат условите од наредбата на јавниот обвинител.Тој не може да работи со други камери, освен со тие (четири камери) подигнати од Владата. Дојдов до констатација дека софтверот не функционира за целта за која е изработен“, кажа вештакот Пиперевски.