Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Целта на ваквиот пристап е овозможување на надлежните државни органи и институции самостојно, независно, непристрасно и непречено, со согласност со нивните законски надлежности, да ги расветлат сите факти поврзани со случајот. Истовремено, единственото соопштение на СИМ со кое се осудуваат било какви акти на вознемирување и се повикува на целосно расчистување на случајот помина речиси незабележано во јавноста, велат од здружението преку соопштение.
Од таму додаваат дека заради претпазливост и независност на активностите за расветлување на настанот, Старешинството на СИМ, во согласност со одредбите од Статутот на Сојузот, донесе одлука за привремено оддалечување од активностите, односно суспензија на Прв Скопски Извиднички Одред, од Сојузот на извидници на Македонија.
-Конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот. Остануваме посветени на негување на извидничките вредности, заштита на децата и младите и создавање на подобар свет за сите, стои во соопштението на Сојузот на извидници на Македонија.
Од „Прв Скопски Извиднички Одред“ вчера негира дека се случил ваков настан но жалат што ваква медиумска покриеност не се случила кога, како што велат дека организирале многу крводарителски, хуманитарни, еколошки акции, кога подигнувале свест за заштита на животна средин и ја пошумувале и чистеле државата од отпад.
За конретниот настан оттаму велат дека манифестацијата „Есенски бакнежи“ прегратки“ е традиционален настан чија цел е да ги спои основите на рок музиката, извидничките вештини и сексуалното образование.
-Настанот е наменет за категоријата постари извидници (постари малолетници над 16 години). На овој настан учестуваа 32 учесници доборволно пријавени во екипи по 4 лица преку своите матични одреди и 10 волонтери од ПСИО. Акцијата се креира од млади за млади и се одржуваше во безбеден простор, во забавна и младинска атмосфера, и секој учесник имаше можност да пријави доколку се почувствува непријатно.
Есенски бакнежи, прегратки се одржува веќе 12 години и до сега сите настани поминале без никакви проблеми, поплаки или повреди, а имаат учествувано повеќе од 500 млади.
Но, родител на едно од децата вели дека малолетници ги боеле своите полови органи и оставале отпечатоци од нив на хамер и симулирале секс позиции до манастир под превезот на сексуална едукација.
Активностите на кампот вклучувале соблекување на облеката и прашања колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, боење на полови органи, пеење песни во долна облека.