Сојуз на средношколци: Не ја бојкотираме матурата, само го изразуваме незадоволството околу тврдоглавоста на МОН

од Vladimir Zorba
290 прегледи

„Сојузот на средношколци е согласен дека: „Министерството за образование и наука и Владата се должни [да] ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 ученици коишто ја пријави[ле] … да учат на факултет“. Меѓутоа, Сојузот не ја разбира потребата од ваква изјава, имајќи на ум дека ние не се залагаме за укинување на државната матура. Напротив, таа е клучен дел од нашето средно образование. Сепак, поради сегашната ситуација, Сојузот се залага истата да биде изменета“, соопштуваат од Сојузот на средношколци.

Оваа година државната матура треба да се полага по скратени наставни програми и методологии. Но, тие програми треба да се однесуваат на сите предмети, а не само на неколку. Напоменуваме дека скратените наставни програми беа и продолжуваат да бидат дел од нашите барања упатени до институциите.

Иако МОН потсетува дека ја усогласиле проектната задача, ние ја потсетуваме јавноста дека ние овој потег го поздравивме и продолжуваме да го поддржуваме. Без разлика на тоа што МОН додал дополнителни изборни предмети (Географија и Информатика) во сегашната концепција, тоа воопшто не го менува фактот дека учениците би полагале четири предмети, доколку МОН не ги прифати нашите барања.

Претставници на Сојузот продолжуваат со нивното учество во работна група која ќе подготви нова концепција за државната матура. Но, МОН продолжува нашето учество да го третира како PR-потег. Сепак, Сојузот ќе продолжи да ја искористува секоја можност да учествува во создавањето на подобриот образовен систем.

Министерството тврди дека прави „сè да не дозволи пандемијата да се одрази на развој и напредок на учениците“. Нивните напори немаат позитивен исход: наставата од далечина е значително помалку квалитетна отколку традиционалната настава, а пандемијата влијае и на ученичкото ментално здравје. Затоа, нашите барања се целосно разумни: да се намали бројот на испити од четири на два (мајчин јазик и предмет по избор) и да се задржи проектната задача.

Не се согласуваме дека бојкотираат само „група матуранти“, туку нашите бројки покажуваат дека бојкотира големо мнозинство од матурантите и училиштата ширум земјава. Ние не ја бојкотираме матурата. Ние само го изразуваме нашето незадоволство околу тврдоглавоста на МОН.
Министерството тврди дека „останува силен партнер на учениците и матурантите“ и дека „како и досега отворено и заеднички“ ќе дискутираат за предизвиците. Сојузот ова воопшто не го гледа, ниту пак делата на МОН го докажуваат истото. Сега активностите на Сојузот се пренасочија во Собранието, бидејќи само пратениците можат да го убедат МОН дека, како што самото Министерство вели, „е потребен разум и прифаќање на состојбите“, се вели во соопштението.

Слични содржини