Сојузник на Путин ѝ вети помош на Латинска Америка за да се спротивстави на САД

од Stefanija Kuzmanovska
218 прегледи

Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, најголемиот сојузник на претседателот Владимир Путин, вети дека ќе им помогне на земјите од Латинска Америка да се спротивстават на, како што рече, американските обиди да се мешаат во нивните внатрешни работи, пренесува „Хина“.

Патрушев своите тврдења ги изнел во Никарагва, на чие чело е поранешниот герилец Даниел Ортега, и по состанокот со поранешниот кубански лидер Раул Кастро во Хавана.

Како што го цитира ТАСС, Патрушев рекол дека земјите од Латинска Америка се добро запознаени со обидите на Соединетите Американски Држави да извршат економски и политички притисок врз оние чија политика не му одговара на Вашингтон.

„Латинска Америка останува важна зона на мирот, еден вид остров на стабилност. За нас е важно повеќе земји од тој регион да се стремат кон независни политики“, навел Патрушев во Манагва.

Москва, додаде тој, ќе продолжи да „дејствува во рамките на постоечките средства за да спречи мешање во внатрешните работи на вашите земји, како и кампањи за дискредитација на нивните легитимни власти, заплашување на нивното население и дестабилизација на нивните економии“.

Слични содржини