Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 за утре најавува протест во Битола по пресрет на отворањето на „Културен центар Иван Михајлов – Клуб Ванчо Михајлов, ВМРО“ во Битола и доаѓањето на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Според нив, „со името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално донстоинство“.
-Протестот ќе биде и поради антимакедонските политики на официјална Софија која преку поддршката и промоцијата на „Културен центар Иван Михајлов – Клуб Ванчо Михајлов, ВМРО“ во Битола, кој е именуван со името на еден неприкриен фашистички експонент од времето пред, за време и по Втората светска војна, односно со името на фашистот Ванчо Михајлов, кој директно и индиректно, ја помагал и промовирал фашистичката, експанзионистичката, денационализаторската и асимилаторската политика кон Македонија и Македонците на фашистичка Бугарија раководена од царот Борис III и тогашниот премиер Богдан Филов, исто така сојузници и соработници на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, врши директен напад врз македонскиот антифашизам, врз борците за национална и социјална слобода на македонскиот народ и врз борбата за афирмација македонскиот национален идентитет и создавање на македонската национална држава, стои меѓу другото во соопштението од Сојузот на борците.
Во делегацијата предводена од премиерот на Бугарија Кирил Петков ќе бидат и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и нејзината заменичка Велислава Петрова.