Сојузот на средношколци ја поздрави најавената мерка за бесплатен превоз и во текот на летото

од Vladimir Zorba
223 прегледи

Сојузот на средношколци ја поздравува и поддржува предлог-мерката предложена од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, а во насока на обезбедување на бесплатен јавен превоз за средношколците и во текот на летниот распуст, за полесно извршување на вон-наставните активности, но и феријалната пракса кај некои струки.

„Ја потсетуваме јавноста дека барањето на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци во целата земја беше третата точка од изборната програма на нашиот претседател Лука Павиќевиќ и неговиот тим, која победи на Вториот конгрес на Сојузот во мај 2021 година.
Во таа насока, особено нè радува дека Град Скопје презема вакви мерки по средбата која ја имавме со Градоначалничката во март годинава како и подоцнежниот состанок со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на нивниот отворен ден. На обете средби ние ги повторивме нашите барање и добивме гаранции дека Градоначалничката и Советот на Град Скопје ќе работат на нив“, се вели во соопштението.

Имено, со предложената мерка се предлага да се наменат дополнителни 50 милиони денари за организирање и спроведување на бесплатниот ученички превоз, со што оваа буџетска ставка ќе има вкупна сума од 92 милиони денари.

„Апелираме на политички консензус и ги повикуваме сите 45 советници да ја поддржат оваа мерка која е во интерес на средношколците.
Што се однесува на централното ниво, по средбата со Клубот на млади пратеници, Сојузот интензивно работи на изменување на предложеното законско решение за праведен јавен превоз за сите средношколци со цел тоа да биде прифатливо за сите“, додаваат од Сојузот на средношколци.

Слични содржини