Солени казни за трговците кои не ги почитуваат одлуките за намален ДДВ или маржи

од Берта Китинска
329 прегледи

За рок од два дена казнети се 33 субјекти кои не ја почитувале владината мерка за намалување на маржата или не поседувале евиденција за одредени производи, за „Локлано“ информираат од Државниот пазарен инспекторат.

-На ден 11.03.2022 и 12.03.2022 година од Државниот пазарен инспекторат извршени се вкупно 162 вонредни инспекциски надзори во трговија на мало и големо , а за контрола на Одлуката на Влада за посебни услови во трговијата на одделни производи (Сл.Весник на РСМ бр.51/2022). Во 130 контролирани објекти во трговија на големо, мало и пекари констатирано дека цените кај лебот, маслото и брашното се по набавни цени, кај другите производи цените се усогласени со 3% маржа на мало, а некаде беше во тек усогласувањето.Неправилности се утврдени 33 субјекти, за што по Законот за трговија, согласно големината на субјекот изречени се соодветни санкции, информираат од ДПИ.

Оттаму посочуваат дека од граѓаните досега немало пријави за покачување на ограничените цени. Од инспекторатот велат дека изминатата недела согласно Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало извршени се околу 300 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија

-При инспекциските надзори од ДПИ беа контролирани малопродажни објекти, како и трговци на големо. При инспекциските надзори кај три субјекти беа констатирани неправилности, маржата во трговија на големо 5%, односно на мало 10%, не е во согласност со одлуката преземени се соодветни прекршочни мерки со издавање на прекршочни платни налози , а кај еден субјект констатирано е дека евиденцијата во трговијата не се води ажурно. При инспекциските надзори утврдено е и покачување на лебот (зголемена цена кон трговците на мало од 01.03.22), посочуваат од ДПИ.

Казни од 800 до 10.000 евра

Инспекторите на терен утврдиле непрвилности во неколку градови на територијата на Република Северна Македонија и тоа во: Скопје, Струга, Охрид, Тетово, Струмица, Гостивар и Пробиштип.

-Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, објаснуваат од ДПИ.

Пишани први казни за супермаркетите

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека за применување на одлуките на Владата терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а согласно извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците кои што не ги почитувале одлуките.

-Во однос на прекршоците минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го во предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата, кажа Бектеши.

Лебот, зејтинот и брашното тип 400 од 10 март, според одлуката на надлежните низ продавниците се продава по набавна цена, додека за другите основни прехранбени производи се намалува маржата на 4 проценти во трговијата на голема и на три процени во трговијата на мало.

Б.М.

Слични содржини