Манчестер Јунајтед го назначи Мајк Фелан за помошник-менаџер. 56-годишниот тренер, кој
работеше шест сезони во штабот на легендарниот Алекс Фергусон, се врати во клубот како
помошник на Оле Гунар Солскјер во декември минатата година.

„Манчестер Јунајтед отсекогаш бил огромен дел од мојот живот откако се приклучив за прв пат во
1989 година. Многу сум задоволен што продолжувам во клубот со клучна улога“, изјави Фелан, кој
потпиша договор за три сезони.
Солскјер изјави дека Фелан е првиот човек со кој тој контактирал по неговото привремено
назначување минатиот декември.
„Сум играл под негово раководство. Го познавам, знам за неговото искуство и секој во клубот
ужива да разговара со него. Фудбалерите навистина го почитуваат, кога зборуваме за играта. Тие
знаат колку е способен, бидејќи работел со најдобрите“, рече норвешкиот стратег.
Капитенот на „црвените ѓаволи“ Антонио Валенсија ќе го напушти клубот по крајот на сезоната,
додека договорот на Андер Ерера истекува на крајот на кампањата и нема да биде обновен.
Шпанецот, најверојатно, ќе премине во француски Сен Жермен.
„Во следната сезона треба да се доближиме до првото место и да упатиме предизвик за титулата.
Ако во февруари и март се уште сме блиску до првата позиција, ќе биде фантастично“, рече уште
Оле Гунар Солскјер.