Претседателот на СОНК, Јаким Неделков денеска на прес-конференција обвини дека е проблем новата пресметка на плати во дејноста култура и особено секој март. Според него, проблемот произлегува од лошото толкување на Колективниот договор и методологијата. Неделков ги повика директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата.
Првиот човек на СОНК го кажа решението за проблемот – зголемување на коефициентите на сложеност по работно место за 10% и дополнително за 0,7%. Неделков очекува што поскоро да се сретне со ресорниот министер Зоран Љутков за да го претстават решението, а во спротивно на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот.
-Вака како што е сега е половично решение. Заборавиле дека таа разлика од плата која што тогаш била во вредност од 10%, сега треба да се зголеми за процентот на зголемување на минималната плата во 2024 година и за 2025 година. Оттука вака како што ќе се изготви платата по ова упатство, вработените во дејноста култура ќе бидат оштетени во зависност од работното место. Во нето-пари, тоа се од 600 до 2000 денари, истакна Неделков.
За него, нема условувања и очекува министерот да ги повика на средба. Очекува да се постигне решение, иако вели дека не знае како ќе се однесуваат директорите и дали ќе исплатат плата со новата пресметка. Апелираше да не ги потпишуваат решенијата со таква плата.