Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) денеска во седиштето на Синдикатот одржаа уште една средба на преговори за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и за дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
Денешната средба на МОН и СОНК е во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач, откако првите десет дена од преговорите со посредство на медијатор поминаа без спогодба за барањата на Синдикатот.
По двочасовната средба на претставниците на Синдикатот и Министерството, не беа соопштени детали од средбата, а нова средба е закажана за в петок.
Синдикатот утре ќе има средба и со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.