СОНК не се откажува од барањето за зголемување на платите оваа година

од Nikola Popovski
128 прегледи

Во врска со изјавата на министерката за образование и наука за зголемување на платите во образованието од 10 на 12% од март 2025 година, го известувам членството на СОНК и другата заинтересирана јавност дека оваа изјава не е во согласност со ставовите на СОНК, односно дека содржината на изјавата не е договорена со СОНК, објави синоќа Јаким Неделков.

Точно е дека два пати имавме конструктивна средба, посочува Неделков, и ставовите на СОНК беа јасни: почитување на Закон и Колективен договор, од каде произлегува и барањето за усогласување на платите во основно и средно образование за 12.15%.

Сепак, тој додава, тоа што од страната на Министерката беше кажано дека нема материјални можности оваа година, не значи дека СОНК се откажал од своето барање.

-Во наредниот период очекувам повторно средба со надлежните во државата и решавање на настанатата ситуација. Го замолувам членството на СОНК да не подлегнува на смислена провокација и обид за разбивање на единството во СОНК од поединци и групи, се со цел за нивно лично или колективно профитирање. СОНК останува единствената организација која се грижи за правата и интересите на своите членови, стои во апелот на Неделков.

Повисоки плати за 12% ќе добијат вработените во образованието од март следната година. Министерката за образование Јаневска рече дека веќе биле остварени средби со претставниците од СОНК и со министерството за финансии и дека покачувањето ќе биде направено според колективните договори и растот на Бруто Домашниот Производ.

Јаневска минатиот месец изјави дека ќе направат максимални напори платите на наставниците постепено да растат, изразувајќи уверување дека до крајот на мандатот ќе се потпише и нов колективен договор за основно и за средно образование.

Слични содржини