МВР Билтен

На 05.08.2018 година во 23.30 часот на регионалниот пат Неготино – Кавадарци, во с.Марена, патничко возило „Ауди А3“ со неготински регистарски ознаки, управувано од Р.Ч.(31) од Неготино, излетало од патот. Притоа, возачот Р.Ч. се здобил со повреди и бил пренесен на лекување во комплексот клиники „Мајка Терза“- Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Неготино.
На 05.08.2018 година во 20,15 часот било пријавено дека на улицата „Маршал Тито“ во Штип скутер со штипски регистарски ознаки, управуван од С.В.(33) од Штип изгубил контрола и паднал. Во незгодата возачот на скутерот се здобил со тешки телесни повреди кои му биле констатирани во Клиничката болница во Штип. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Штип и се работи на расчистување на случајот.
На 04.08.2018 година во 20.45 часот било пријавено дека на регионалниот пат Попова Шапка-Тетово, пред влезот за с.Шипковица, патничко возило „Киа рио“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.Р. (26) од Тетово, излетало од патот. Во незгодата со повреди се здобил возачот М.Р. кој со друго возило бил пренесен во Клиничката болница-Тетово и по укажаната лекарска помош бил задржан на лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Тетово и се работи на расчистување на случајот.
Во периодот од 23.00 часот на 05.08.2018 до 03.00 часот на 06.08.2018 година полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово, извршиле акциска контрола во угостителски објект во село Желино, сопственост на Ј.Ф. (41) од село Желино. При контролата во објектот биле затекнати пет женски лица од кои три странски државјанки (две од Република Албанија и една од Косово) и две македонски државјанки. Сопственикот на објектот и лицата биле приведени во полициска станица за понатамошна постапка.
На 06.08.2018 година во 03,40 часот во Полициската станица Гостивар, А.Ш. (41) од село Падалиште пријавил дека неговата 15-годишна ќерка на 05.08.2018 година околу 2 часот се оддалечила од домот во непознат правец. По преземени мерки девојчето било пронајдено во с.Чегране кај лицето А.Х. со кого била во љубовна врска. А.Х. бил приведен во Полициската станица Гостивар и бил задржан за понатамошна постапка.
На 05.08.2018 година во периодот од полноќ до 01,20 часот избувнал пожар во нива, во атар на село Могила, под закуп на Ј.Г. Во пожарот биле опожарени околу 1500 бали со сено и слама. На местото на настанот интервенирала Територијалната противпожарна единица Битола и пожарот бил локализиран. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против правно лице од Глумово- Сарај и против А.М. (47) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „даночно затајување“ и „повреда на правата од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и против Б.А.(34) од село Крушопек и М.З. (31) од Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “помагање“ во врска со „даночно затајување“ и „повреда на правата од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. На 24.07.2018 година во Дебар второпријавениот, како управител на правното лице, спротивно на прописите за финансиско работење, му наложил на третопријавениот, како возач во правното лице, да изврши транспорт на 2249 килограми пилешко месо од Бразил, за што му издал испатница без евидентен број и без наведено правно или физичко лице како примач, како и без фактура и фискална сметка. Потоа, третопријавениот ја доставил наведената количина на месо до четвртопријавениот, по што истиот вршел продажба на месото, без соодветна документација. На овој начин прво и второпријавениот се стекнале со противправна имотна корист од 663.502 денари, при што избегнале плаќање на данок од 33.175 денари за кој износ го оштетиле Буџет на Република Македонија.
Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против А.С.(27), Р.М.(28), М.П.(28) и С.Е.(23) сите од Градско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “разбојништво“. Имено на 01.08.2018 година околу 16,30 часот во село Виничани-велешко, кај железничката постојка, пријавените кои биле со патничко возило “Опел Астра“ со употреба на физичка сила, извршиле разбојништво над Т.К. (22) од Пакистан и му одзеле околу 150 евра и 6.000 денари.
На 05.08.2018 година во 12,15 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека истиот ден од страна на непознато лице бил испукан проектил од огнено оружје, при што зрното од проектилот ја пробило настрешницата од гаражата која се користела за паркирање на возила од Итна медицинска помош во кругот на Медицинскиот центар Гостивар и завршило на подот помеѓу две возила. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 05/06.08.2018 година во времето од 22,30 до 07,00 часот било пријавено дека во Скопје, на улицата „Антон Попов“ опожарено било патничко моторно возило „Даеву Ланос“ со скопски регистерски таблици сопственост на И.Ч.(29) од Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 05.08.2018 година околу 22,10 часот од засега непознати причини избувнал пожар во Казнено поправната установа Охрид, при што опожарени биле две простории. Повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Поради постоење основи на сомнение за сторено кривичноо дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“, криминалистичката полиција од полициската станица Струга, до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Ж.Б. (48) од Вевчани. Пријавениот, во текот на март 2015 година, во својство на директор на ЈП Македонски шуми – ПШС Јабланица Струга, иако немал овластувања склучил преддоговор за деловно-техничка соработка со ДООЕЛ „Адалеа Пелет“ ДОО Струга, по што, на користење отстапил три објекти сопственост на јавното претпријатие, со клаузула за ослободување од закупнина за период од шест месеци. Според договорот, по истекот на тој период дополнително ќе бил договорен месечниот надомест, кој потоа воопшто не бил платен. На 03.04.2015 година, пријавениот склучил договор со ДООЕЛ „Адалеа Пелет“ ДОО Струга и извршил испорака на буково огревно дрво во вредност од 440.041 денари, без извршена уплата од страна на купувачот. На 16.02 2018 година, Управен одбор во подружница ШС Јабланица-Струга констатира кусок на средства и материјали,односно кусок на 793 м3 огревно буково дрво во паричен износ од 1.059.200,00 денари,со што пријавениот на ЈП Македонски шуми нанел штета во износ од 1.499.241 денари.