Многумина летово ќе заминат на одмор во Грција со автомобил, а бидејќи казните за сообраќајни прекршоци се заострени, не е лошо да се потсетиме на прописите.
Многумина се изненадени од фактот дека пушењето цигара во автомобил во Грција се казнува со парична казна од 1.500 евра и одземање на возачка дозвола, а во оваа земја има и голем број сообраќајни прекршоци на кои често „се сопнуваат“ возачите од Македонија додека се на одмор. Порталот „Nikana.gr“ ги собра сите прописи на едно место, заедно со предвидените казни.
Како што напоменуваат, од 2018 година во Грција е на сила нов Закон за патен сообраќај, при што значително се заострени казните, како и забележителен е порастот на бројот на полициски службеници – сообраќајци во Грција кои се доста ажурирани во пишувањето на казни.
„Поставени се повеќе радари од вообичаено, а еден е лоциран и непосредно по граничниот премин Евзони, пред исклучувањето за Солун. Претходно постоеше опција да се намали казната за половина износ доколку ја платите во рок од десет дена, но оваа опција е укината“, посочуваат оттаму.
Сообраќајни казни во Грција
· Возење под дејство на алкохол 78 – 1.200 евра
· Надминување на дозволената брзина во населено место до 20 км/ч изнесува 100 евра
· Поминување на црвено светло и претекнување преку полна линија е 700 евра
· Неносење појас – 350 евра
· Непрописно паркирање, казната е од 40 до 80 евра
· Користење на мобилен телефон при возење – 100 евра
· Пушење во возило доколку во него има дете под 12 години изнесува 1500 евра со одземање на возачка дозвола.
Радари кои ја мерат брзината на заминување
На одредени делови од автопатиштата има радари и известувања за контрола на брзината, а луѓето честопати успоруваат пред нив, па кога поминуваат, забрзуваат, но некои од тие радари не ја мерат брзината на автомобилот на доаѓање, туку на заминување.
„Трепкање“ со светлата – предупредувањето за други возачи е исто така казниво
Според член 36 од Кодексот за патен сообраќај, при средба со возило од спротивна насока, палењето и гасењето на светлата или нивното наизменично користење е забрането на кратки временски периоди. Казната ако ве видат како „трепкате“ на други возачи е 80 евра.
Иако оваа практика веќе не е толку популарна бидејќи се повеќе возачи ги користат социјалните мрежи за да информираат, а сообраќајната полиција ги следи трендовите, така што има казни и за тоа – ако возачот ја открие локацијата на полициската контрола на социјалните мрежи или на кој било друга дигитална апликација, овој потег ќе резултира со парична казна од 600 до дури 30.000 евра.
Висината на казната зависи од видот на полициската акција, така што трепкањето ќе резултира со релативно мала парична казна. Но, доколку полициската акција е насочена кон контрола на употребата на алкохол и дрога и некој ја објави локацијата, може да се изречат и големи казни.
Во случај возачот, покрај информации, да објави и фотографија од полициската контрола на социјалните мрежи, ризикува да му биде одземена возачката дозвола за период до 2 години.
Што ако казната не биде наплатена на излез од Грција?
Доколку казната за сообраќаен прекршок сè уште не е евидентирана и информацијата за истата е испратена на граничните премини, може да се случи да ја напуштите државата без да ја платите казната. Многумина се среќни што не мора да платат, но може да се случат неколку сценарија.
Грците не можат да ви ја испратат казната на домашна адреса, но следниот пат кога ќе влезете во Грција, ако казната не е истечена, таа е сеуште во системот и нема да ви биде простено, па ќе треба да ја платите. Дополнително, во рамките на Европската унија постои Регистар на сообраќајни прекршоци и голема е веројатноста дека казната ќе биде наплатена веднаш штом ќе влезете на европско тло, секаде каде што прекршувањето е направено во рамките на земја од ЕУ.
Токму поради проблемот со наплата на казните на странците, смислен е начин како да ги достават на домашна адреса на прекршителот. Казните за сообраќајни прекршоци се предаваат на приватни адвокатски канцеларии кои потоа ги бараат од лицето што го сторило сообраќајниот прекршок.
Погледнете ја официјалната страница на Законот за сообраќај и задолжителна опрема за автомобили во Грција.