Сопатничката на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, Тамара К. денеска по трет пат го сменила исказот даден во полиција за настаните во петокот спроти сабота доцна навечер, дознава Либертас од извори во МВР.
Таа вечерта на полицијата и потврдила дека возач бил Спасов, што е запишано и во полицискиот билтен.
„Од страна на полициски службеници лично и непосредно било утврдено дека од возилото ПМВ Туарег, сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К..
Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, по што од страна на полицискиот службеник била известена Единицата за Информирање и Командување. За време на утврдувањето на идентитетот на Т.К., лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на ул„Дрезденска“. Од страна на УПС од ПСОН Карпош заедно со тимови од единицата АЛФА биле извршени обиколки во непосредната околина, но лицето не било пронајдено односно успеало да избега.
Околу 2 часот на ул.Алжирска, односно на местото каде што било оставено ПМВ Туарег дошол М. Т. и на полициските службеници им пренел дека возилото Туарег било управувано од негова страна. Од дадената изјава на М. Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случени претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т. К. и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници кои што констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, пишува во полицискиот билтен.
ВОЗАЧОТ НА ДИМЕ СПАСОВ ВЕЧЕРВА САМОИНИЦИЈАТИВНО СЕ ПОЈАВИЛ ВО ПС КАРПОШ- ПРИЗНАЛ СЕ…
Тамара вечерта не споменала дека биле нападнати од било кого, што го потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Утврдено е дека во возилото имало сопатник, Т.К. која дала изјава своерачно потпишана дека лицето Д.С. управувал со возилото и дека немало никакви дејствија, дека никој не тропал или удирал по возилото, рече Спасовски.
Сепак, утредента, односно во саботата, била во полициска станица за да го смени исказот. Таму кажала дека не возел Диме Спасов туку возачот од Министерството за труд и социјала, Марио Тавиќ (М.Т.). Како што кажала во полиција, претходната ноќ кога го давала првиот исказ била под стрес и затоа кажала дека возел Спасов.
Денеска, откако Спасов се појави на интервју на ТВ Нова, а Латас преку Сител објави монтирано видео во обид да прикаже дека Спасов бил жртва, девојката повторно отишла во полициска станица.
Тамара К. попладнево во полициска станица по трет пат го сменила својот исказ. Како што им кажала, таа во саботата кога го давала вториот исказ била под уште поголем стрес од вечерта кога се случувале бркотниците, па затоа рекла дека возел возачот, а не Спасов, но дека тоа не било вистина. Денеска во третата, засега последна верзија, кажала дека возел Спасов, како што тој претходно кажа во телевизиското интервју и дека биле нападнати.
Инаку, сопатничката на Спасов, Тамара К. е член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а според објавите во медиумите, таа работела во Владата, а од есенва таа е вработена на неопределено време, како референт во Службата за кадровски, правни и општи работи во ЕЛЕМ.