Олена Зеленска, првата дама на Украина, неодамна им откри на медиумите како се справува среде војна и какво влијание има воената ситуација во нејзината земја врз нејзиниот семеен живот.
Првата дама на Украина во неодамнешно интервју изјави дека се обидува да остане силна за нејзиниот сопруг, украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто како и нејзините деца и другите Украинци кои беа погодени од војната.
Таа зборувала за тоа дека била „блиску до тоа психички да изгори“ поради инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на нејзината татковина, пренесува „Дејли мејл“.
Олена Зеленска ја открила личната жртва што ја трпела во последните две години, со оглед на тоа што поради руската инвазија била принудена да живее одвоено од сопругот.
Тој останал во Киев, додека таа живее на друго, тајно место со нивните две деца.
– Има моменти кога се чувствувам како да сум на работ на психичко исцрпување и сфаќам дека ми треба одмор од се. Се трудам секој момент да го искористам ефикасно, бидејќи понекогаш мислиме дека имаме време за одмор, но немаме – вели таа во интервју за „Телеграф“.
Таа исто така опишала моменти кога знаела дека ќе се разбуди среде ноќ со темни мисли.
– Добро е што тоа се случи ноќе бидејќи тогаш ниту едно од моите деца не ме виде, а јас секогаш се трудам да бидам нивен извор на доверба. Знаете, децата секогаш гледаат на своите родители и треба да знаат дека се ќе биде во ред – верува таа.
Зеленска во својата исповед изјавила дека си дозволила неколку пати да плаче кога била, како што вели, неподносливо тажна.
– Тоа беше нешто што свесно го направив бидејќи знам дека понекогаш морам да нурнам длабоко до дното за да најдам сила да продолжам. Треба понекогаш да си дозволите да плачете – рекла Зеленска, пренесува „Јутарњи.хр“.
За полесно да ја надмине ситуацијата во која се наоѓа, решила да не чита вести додека спие, а направила и „список на работи кои ја смируваат“.
– Додека правите нешто, не седете без работа и само плашејќи се, туку направете нешто корисно во тој момент. Се надевам дека ќе живеам до украинскиот момент на победа – изјавила првата дама на Украина.
Да потсетиме, оваа поранешна сценаристка го запознала својот сопруг уште кога била тинејџерка. Се омажи за украинскиот лидер во 2003 година.