Црн викенд во Македонија за три дена од пандемијата, 130 семејства ги изгубија своите најблиски.
-Министерството за здравство информира дека и покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои се побрзо се исполнуваат со КОВИД пациенти, обезбедени се слободни места на повеќе Клиники, Институтот за белодробни заболувања Козле како и на интерните клиники. Сите болници и медицински кадар се целосно мобилизирани. И во болниците низ државата, секојдневно системот се менаџира, помеѓу постојаните инфективни одделенија во здравствените установи и модуларните болници. Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците. Министерството за здравство упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД-19.Министерството за здравство ги повикува граѓаните секој индивидуално да даде свој придонес во борбата со корона вирусот и да им помогне на здравствените работници, во оваа исцрпувачка битка која трае повеќе од една година, велат од МЗ.
Здравствените експерти сметаат дека сме длабоко навлезени во третиот пик на пандемијата и предупредуваат дека бројот на починати ќе биде уште поголем.
Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека многу хоспитализирани пациенти се со тешка форма, со манифестација на белите дробови и крвта, каква, како што рече, колегите од пулмологија и инфективна медицина досега не виделе и кај нив нема одговор на терапијата. За зголемениот број на млади лица кои умираат иако немаат никакви хронични болести, Филипче вели дека вакви случаи има и во Европа и дека кај дел од младите состојбата се влошува за неколку часа.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.867, бројката на оздравени пациенти е 109.297, на починати е 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.