Македонската радио телевизија (МРТВ) не треба да биде само технички сервис што емитува програма, туку активен чувар и креатор на националниот идентитет и македонската култура, вели во разговор за „Локално“ Сотир Сотировски, медиумски работник со долгогодишно искуство.
Смета дека културата не е маргинална содржина, туку централен столб. Во своите ставови на темата „јавен сервис“ ја нагласува потребата од системска поддршка на македонската музика – од изворниот фолклор, преку традиционалната песна, до современи автори и нови жанрови.
Телевизијата и радиото, според Сотировски, мора повторно да станат центар за создавање, промоција и архивирање на македонската музичка продукција, преку музички емисии, фестивали, тематски вечери, топ-листи и постојано емитување на новосоздадена домашна музика.
„Нацијата што не ја слуша својата музика – полека го губи својот глас. Фолклорот не е минато, туку жива културна сила која треба да се негува, современо да се интерпретира и достоинствено да се претставува пред новите генерации. Јавниот сервис, токму затоа, мора да биде институција што го поврзува минатото со иднината, традицијата со современоста.” – вели Сотировски.
Факт е дека музиката има значајна улога и во конструирањето на националниот идентитет, вели тој. Според него, таа создава симболи и звучни обрасци преку кои една заедница се препознава и се идентификува.
„Националните, патриотските и авторските песни, како и музиката поврзана со значајни историски настани, придонесуваат за зајакнување на колективната меморија и чувството на припадност“, смета Сотировски.
Уверен е дека „националниот идентитет најдобро се брани со стратешки креирани содржини“.

Фото: Принтскрин
„Со квалитетни научно – образовни содржини и културни програми, документарни серии, емисии за историјата, јазикот, обичаите и духовното наследство, МРТВ може повторно да стане место каде граѓаните се препознаваат себеси како дел од заедничка приказна“, порача тој.
Сотировски, вели, ја разбира одговорноста и тежината на институцијата што треба да предводи во овој процес.
„МРТВ мора да излезе од оваа летаргија што долго ја држи и да стане силен национален медиумски сервис што ќе инвестира во сопствена продукција, што ќе ја зајакне културната самодоверба и ќе биде столб на македонскиот идентитет во медиумскиот простор. Во време кога државата има потреба од стабилни институции и јасни вредности, ваквиот пристап не само што е пожелeн-туку тој е и неопходен” – појаснува Сотировски и вели:
„Домашната продукција овозможува употреба и афирмација на македонскиот јазик во неговиот природен, секојдневен и уметнички контекст. За разлика од синхронизираните или увезени странски содржини, домашните серии и филмови го прикажуваат јазикот како жив комуникациски систем, со неговите стилски регистри, дијалекти и културно обележани изрази. На тој начин се зајакнува јазичната самосвест, особено кај младата публика, и се спречува доминацијата на туѓи јазични модели“.
Сопствената сериска и филмска продукција игра клучна улога во конструирањето и пренесувањето на националните наративи, според него.
“Преку ликови, приказни и драматуршки структури што произлегуваат од локалниот историски, социјален и културен контекст, се артикулираат искуства, вредности и дилеми препознатливи за домашната публика. Овие наративи придонесуваат кон формирање на заедничка културна рамка и чувство на припадност” – заклучува Сотировски.
Редакција Локално