Советници на Град Скопје: Избори за градоначалник на Скопје не се потребни, потребно е вразумување

од Берта Китинска
361 прегледи

Судирот помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа на локалните избори во 2021 година го отвори прашањето како ќе функционира советот на Градот доколку се повлече поддршката од страна на партијата на Мицкоски.

„Советниците мора да работат за доброто на скопјани, а не по наредба или насоки од партиите кои ги претставуваат“, вели во разговор за „Локално“, Горјан Јовановски од иницијативата “Зелен хуман град”.

-Ние како ЗХГ уште од самиот почеток имаме кажано дека не заземаме страни, туку поддрживаме добри и рационални проекти за скопјани, без разлика кој ги предлага. Тоа треба да биде начинот на функционирање на секој советник, со сопствена глава и размислување, нешто кое уште не е целосно применето во советот, вели тој.

Според него на директорските места во ЈП кои се под раководство на градот мора да се поставуваат професионалци кои не се само добри во менаџирање, туку се експерти во областа на водењето на таа институција.

-Од друга страна, на овие институции од нивното формирање им е комплетно одземена автономноста, каде само директорот има финален збор во нивното функционирање. Ако сакаме вистински тие да може да функционираат, ќе можат тоа да го прават само под водство на експертски директори кои ќе се залагаат автономно, независно и правилно да функционираат овие установи. Сега е клучен момент да се постават правилни луѓе на позициите, наместо партиски кадри, појаснува тој.

На прашањето дали СДСМ по логиката на Мицкоски кој предлага со референдумот и предвремените избори да бидат зедно организирани, треба да побара предвремени избори и за градоначалник на Скопје,советникот вели „избори не се потребни, потребно е вразумување“.

-До кога ќе се вртиме во кругот на предвремени избори? Со која цел? За да може едните или другите да постават партиски кадри на клучни позиции? Зар не може да се научиме да работиме независно, правично, со доброто на скопјани како главна цел? Избори не се потребни, потребно е вразумување во координацијата, комуникацијата и соработката помеѓу градот и советниците. Во ист тим сме, иако често партиите сакаат да го поделат тој голем тим на мали делови. Дајте да успееме да спроведеме проекти кои се од круцијално значење за зачувување и подобрување на животот во Скопје, бидејќи времето тече, а немаме многу време преостанато, вели тој.

За изјавата на Арсовска во која вели: „Градот Скопје е град на сите Скопјани, за тоа сите носители на овие раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град на сите Скопјани“, Јовановски децидно вели „ако сакаме Скопје да е град на сите скопјани, тогаш да дозволиме скопјани да се тие што ќе раководат со него“

-Според мене, ова е доказ дека треба да ставиме крај на партиски избраните директори. И во ред е да се бара одговорност од нив, ако имаат направено пропусти во работењето. Но подеднакво важно е кој ќе ги замени, за повторно да не се врти кругот на назначување и отпуштање. Не треба да се избрза со назначување на нови директори, туку да се објави јавен конкурс, на кој сите заинтересирани со соодветна експертиза од областа ќе може да аплицираат, а ние како совет да имаме можност да ги разгледаме и дадеме предлог на градоначалничката кој треба да биде назначен. Ако сакаме Скопје да е град на сите скопјани, тогаш да дозволиме скопјани да се тие што ќе раководат со него, зар не?, прашува тој.

Советничката од редовите на СДСМ, Љубица Јанчева посочува дека секој добар проект ќе биде поддржан од нивна страна, појаснувајќи дека судирот помеѓу градоначалничката и партијата е поради личните и партиските интереси.

-Граѓаните на Скопје на локалните избори минатата година одлучија СДСМ и коалицијата да бидат опозиција и ние тоа го почитуваме.Како досега така и од сега остануваме опозиција која секој добар, корисен, проект за граѓаните на Скопје ќе го поддржи, но и секој проект за кој сметаме дека не е добар, нејасен ќе го одбиеме со свои предлози ќе се обидеме да ги подобриме, но и да предлижиме свои проекти кои граѓаните од нас ги бараат.Тоа им го должиме на граѓаните, вели Јанчева за „Локално“

Таа посочува дека од ситуацијата која моментално се случува помеѓу Арсовска и ВМРО „штетата ја трпат граѓаните“.

-Она што се случуваше изминатите неколку денови е лично/ партиско недоразбирање или разијдување на Данела А. со ВМРО ДПМНЕ кога личните и партиските интереси се пред се, штетата ја трпат граѓаните а одговорноста ја имаат тие кои ја добиле довербата да раководат со Град Скопје, вели таа.

Јавниот судир и меѓусебните обвинувања помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ започнаа откако во понеделникот од кабинетот на градоначалничката соопштија дека генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, двајцата кадри од ВМРО-ДПМНЕ, се разрешени поради самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица.

Б.М.

Слични содржини