Советот на ЕУ ја одби бугарската декларација: Нема злосторства од омраза од страна на властите во С. Македонија

од Nikola Popovski

Советот на ЕУ ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Северна Македонија“. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Северна Македонија, но министрите го одбиле тоа барање, пренесе DW.

Ваквиот став го потврдил и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. „Унилатералната декларација на Бугарија не е дел од заклучоците, и тој нивни поединечен став не беше прифатен од останатите земји“, вели Маричиќ.

Бугарија пред Советот за општи работи на ЕУ побарала нападите мотивирани од омраза врз етничките Бугари во Северна Македонија и кривичното гонење за нив да бидат вклучени во документот на министрите за европски прашања.

Бугарската заменик-министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, изразила сериозна загриженост за зголемениот број на напади мотивирани од омраза насочени против граѓани на Северна Македонија со бугарски идентитет, во врска со што била презентирана и предметната декларација.

За нашата земја, вратата на ЕУ беше цврсто затворена со години поради на ветото на Бугарија во серијата спорови за историјата, културата и јазикот.

Во јули беше постигнат договор меѓу двете земји што и овозможи на Северна Македонија да го започне процесот на интеграција во ЕУ, откако Скопје се согласи да воведе неколку отстапки, вклучително и измени на Уставот во врска со промената на статусот на бугарското малцинство.

Дополнително, за измените на Уставот на Северна Македонија е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, што во моментов не е можно, поради што нема напредок во пристапниот процес.

Слични содржини