Советот на ЕУ: Зелено светло за преговори со С. Македонија и Албанија

од Nikola Popovski
136 прегледи

Вечерва Советот на ЕУ даде зелено светло за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, соопшти чешкото претседателство со ЕУ.

Амбасадорите на земјите-членки ги договорија преговарачките рамки за двете земји, со што се создадени услови за првата меѓувладина конференција за пристапување, што ќе се одржи во вторник во Брисел.

На таа конференција ќе бидат прогласени за отворени преговорите со двете земји, а потоа и т.н скрининг процес длабинска анализа на законодавството на двете земји и степенот на нивната усогласеност со европското законодавство.

„Советот на ЕУ штотуку даде согласност за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Направивме важен чекор кон приближување на Западен Балкан до Европската Унија. Ова е голем успех на нашето претседателство“, напиша чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер.

Првата конференција за пристапување е првиот процедурален чекор на долгиот пат до членството.

Македонија е кандидат за членство во ЕУ веќе 17 години. Отворањето на преговорите со нашата земја најпрвин беше блокирано од Грција, а блокадата беше отстранета дури откако се согласивме да го смениме името од Македонија во Северна Македонија, што ни овозможи да влеземе во НАТО.

По укинувањето на грчката блокада се појави Бугарија со нејзините барања кои го доведуваат во прашање македонскиот национален идентитет и јазик.

Северна Македонија го прифати предлогот на Франција, која претседаваше со Советот на ЕУ во првата половина од годинава. Предлогот беше изгласан во Парламентот без учество на опозицијата, која најави дека нема да поддржи промена на Уставот за да се внесе бугарското национално малцинство. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство, кое владејачката коалиција во моментов го нема без пратеници од опозицијата.