Советот на Европа: Балканските земји мора да се соочат со минатото или ризикуваат почеток на нови војни

од Stefanija Kuzmanovska

Неуспехот на земјите од поранешна Југославија да се справат со нивното насилно минато има катастрофални последици за човековите права и на крајот може да доведе до обновување на конфликтот во регионот, се вели во новиот извештај на Советот на Европа што денеска го презентираше комесарката на Советот за човекови права, Дуња Мијатовиќ.

Во извештајот се наведува дека регионот долги години заостанува во барањето правда и одговорност за бруталните војни од 1990-тите во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, во кои беа убиени повеќе од 130.000 луѓе, пишува „Гардијан“.

Ефектите од правните случувања и дејствија по тие војни, како што е формирањето на Хашкиот трибунал за воени злосторства и апсењето и осудувањето на многу политички и воени лидери одговорни за масовни убиства, почнуваат да исчезнуваат и неказнивоста се враќа, се вели во извештајот.

„Времето истекува, а жртвите чекаат многу долго“

Имаше надеж дека националните судови ќе продолжат да гонат многу илјадници други сторители, но нивниот моментум драстично забави. Етнонационалистите се политички доминантни во целиот регион, промовирајќи говор на омраза и негирање на геноцидот и другите злосторства против човештвото.

„По судењето во Хаг, повеќето луѓе кои ја отслужија казната и кои се етикетирани како воени злосторници се враќаат во своите заедници како херои, што го сметам за разочарувачки“, наведува Мијатовиќ.

Нејзиниот извештај, насловен „Соочување со минатото за подобра иднина“, заклучува: „Времето истекува, а жртвите чекаат многу долго. Уште полошо, наративите кои предизвикуваат поделби и омраза што ги поттикнаа војните во 1990-тите се вратија и се засилуваат“.

„Ова не само што го загрозува помирувањето, туку дури и мирот. Неуспехот за целосно соочување со насилното минато во регионот има катастрофални последици за почитувањето на човековите права и владеењето на правото“, продолжува Мијатовиќ.

Областите на северот на Косово населени главно со српско население неодамна се покажаа како ново жариште.

На 24 септември имаше пукање во близина на православниот манастир во селото Бањска меѓу тешко вооружена паравоена група Срби и косовската полиција. Тројца српски напаѓачи и еден полицаец од редовите на албанското мнозинство загинаа во конфликт за кој владата во Приштина го обвини српското раководство во Белград.

Слични содржини