Советот за општи работи во ЕУ повторно ќе одлучува за преговарачката рамка

од Берта Китинска
217 прегледи

С.Македонија останува посветена на напорите за придвижување на процесот и покрај минималните шанси за повлекување на најавеното вето од Софија, која инсистира нејзините барања во врска со историјата да бидат вклучени во рамката.

Премиерот Зоран Заев до последен момент не го напушта оптимизмот дека сепак е можно Бугарија да се откаже од најавеното вето за почеток на пристапните преговори за Македонија до крајот на годинава во рамки на германското претседателство.

Потврди дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Го оцени како конструктивен настапот на министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов за време на радио интервју викендот и истакна дека од разговорот е видливо дека Каракачанов нема проблем да го прифати фактот за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ.

-Ние остануваме подготвени во духот на пријателство да ги градиме меѓусебните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и да ја градиме нашата заедничка иднина. Искрено се надевам декa уште постојат шанси да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Тимовите на двете министерства за надворешни работи интензивно разговараат и сметам дека патоказот за кој се дебатира е одлична основа за да остане вратата отворена за решавање на прашањата што се најдоа на патот на европските интеграции на Северна Македонија, рече Заев.

Македонската страна се обидува да најде разни изговори. Бугарските избори немаат никаква врска со нашата заедничка историја. Сите бугарски политички партии се согласуваат – не постои начин да се направи компромис со историјата и јасните историски факти, вели европратеникот и еден од најголемите поддржувачи за пристапување на РС Македонија во ЕУ Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.

Според него, „потребна е поголема храброст од страна на премиерот на РСМ Зоран Заев“. Договорот за добрососедство и пријателство мора да се спроведе. Ако во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија колегите од Скопје се плашат да ги прифатат фактите, тогаш ќе треба да се најдат други механизми за спроведување на Договорот, рече Ковачев, нагласувајќи: Европската унија постои не се мразиме едни со други, туку да живееме заедно во целосна толеранција.

На прашањето дали очекува каква било промена во нашата позиција пред утрешниот состанок во Брисел, Андреј Ковачев кратко одговори: Малку е веројатно дека утре и во следните неколку часа ќе има развој во сегашната состојба, особено со оглед на неуспехот на последниот состанок на крајот од минатата недела. на Заедничката бугарско-македонска историска комисија.

За утре е закажан  состанок на Советот за општи работи во Брисел на кој треба повторно да биде разгледана и да се одлучува за преговарачката рамка на ЕУ со Македонија.