Во рестораните во државните институции секојдневно се опслужуваат стотици вработени во државните институции, како и граѓани кои ги посетуваат институциите, соопштија од од Службата за општи и заеднички работи откако во јавноста се појавија натписи дека тие им овозможуваат „богато и евтино мени на функционерите“.
Службата, најостро ги осудува лажните информации кои се пласираат во јавноста. Велат дека Службата, врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, како и Владата на Република Северна Македонија, министерствата и органите во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија.
Тие појаснија дека рестораните во државните институции кои се менаџирани од СОЗР работат на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15 отсто, поради што цените се конкретни и се пониски од комерцијалните ресторани кои остваруваат профит и не фуцнкионираат со годишни јавни набавки.
-Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува СОЗР преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола“ велат од СОЗР.
Тие исто така додаваат дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше владата на ВМРО ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, трошоците се сведени на минимум.
-Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства, велат од СОЗР.
-Ја информираме јавноста дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом. Тоа значи дека цените во рестораните на државните институции, не важат само за функционерите, туку и за пратениците, службите, сите вработени итн, истакнуваат од Службата.
Во реакцијата се истакнува дека Службата работи на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15% со одлука на Влада, и притоа е месечен даночен обврзник, што резултира со конкретни цени кои секако се различни и пониски од оние кои се во комерцијалните ресторани.
Ваквата реакција следува откако портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објави цени на јадењата на менито. Според тоа што можеше да се види, пилешка чорба е 60 денари, омлет со свинско 65 денари, сланина на скара 110 денари вешалица од свинско каре – 135 денари. Исто така според менито, копан со ориз е 100 денари, грав со сланина 150 денари, тост со свински врат 75 денари.