Италијанскиот селектор, Лучано Спалети одржа емотивна медиумска конференција со мешавина од пофалби и критики – заедно со расправија со новинар – по ремито 1:1 со Хрватска, кое ја однесе неговата репрезентација во осминафиналето на Европското првенство.
Во 98. минута Матија Закани постигна гол за израмнување.
„Кога натпреварите се решаваат така во финишот, станува уште поемотивно. Никој повеќе не веруваше, но играчите веруваа. Задржаа ладна глава и се снајдоа феноменално во многу офанзивна формација, кога останавме само со тројца одбранбени играчи. Можам само да им честитам“, вели Спалети, чиј тим во осминафиналето ќе се сретне со Швајцарија.
Спалети истакнува дека неговиот тим не бил на вистинското ниво во првото полувреме.
„Јасно беше дека размислуваме за резултат кој ни одговара, а не за победа. Беше несвесно, но очекувам повеќе од моите фудбалери. Сепак, овие игри се тешки – Хрватска е искусна и силна репрезентација која може да повреди секого“.
На прашањето на новинарот на Скај Спорт Италија дали „азурите“ во формацијата 3-5-2 биле премногу претпазливи, Спалети се налутил и почнал да вика:
„Апсолутно не бевме премногу внимателни. Ако проблемот е што не можеме да испраќаме едноставни топки од бековската линија, тогаш ќе се мачиме во кој било систем и во која било формација. Во првото полувреме загубивме премногу топки на начин на кој не требаше. Не е претпазливост, ако не ги правиме основните работи, тогаш ќе се мачиме. Тоа нема врска со тактиката, туку со фактот дека направивме тривијални грешки“.